Жените во сликарството на Личеноски – витруелна изложба

Никакви и ничии влијанија не ја насочија мојата љубов кон уметноста воопшто, и кон сликарството посебно. Откако знам за себе, од моја предучилишна возраст, страсно цртав и сликав. Воден од тој уметнички идеал, упорно се движев по напорниот трновит пат низ макотрпниот живот, работејќи неуморно деноноќно, само да дојдам до саканата цел – уметноста.
– Лазар Личеноски
(портрети и актови од колекцијата на Национална галерија)
Биографија
Лазар Филип Личеноски
Современата македонска ликовна уметност не може да се замисли без личноста и делото на Лазар Личеноски. Со неговите современици Никола Мартиноски и Димитар Пандилов Аврамовски, тие се дел од првата група современи македонски уметници.
Роден е во Галичник, на 26.3.1901, а починал во Скопје, на 10.4.1964 година. Се школувал во Белград, од 1921 до 1927 година, каде што дипломирал на Уметничката школа на Наставничкиот отсек во класата на проф. Бета Вукановиќ, Љуба Ивановиќ, Петар Добровиќ. Во тој период се дружел со неговите колеги Ѓорге Андреевиќ Кун, Антон Хутер и други помлади колеги студенти. Во период од две години (1927 – 1929) добил стипендија и бил на студиски престој во Париз, специјализирал ѕидни техники во ателјето на Марсел Леноар и кај Пол Бодуен, во Школата за применета уметност, Академија „Гранд Шомиер“ и во ателјето на Андре Лот.
Живеел во Белград од 1929 до 1944 година, а потоа, од 1945 до крајот на животот, живеел и работел во Скопје.
Во почетокот на неговиот студентски живот пишувал за литературните списанија „Нова Македонија“, „Разгледи“, „Современост“. Во неговата биографија ќе остане запишано дека бил професор и директор на Училиштето за применета уметност, бил член на комисијата која ја опреми Уметничката галерија –Скопје (денешна Национална галерија) кога во 1946 година, заедно со Димо Тодоровски, Димче Коцо, Борко Лазески добиле три милиони динари за да купат слики и скулптури од цела Југославија за новоформираната Галерија во Скопје.
Бил член на белградската група „Облик“, од 1945 година учествувал на изложбите на ДЛУМ и СЛУЈ, бил член на САНУ.
Одликуван е со повеќе награди и признанија од областа на уметноста: Награда на Министерството за просвета и култура на НРМ во 1947 г.; Октомвриска награда за сликарство на СРМ во 1959 г.; Орден на трудот од I ред во 1954 г.; Орден за заслуги за народ со златна ѕвезда во 1961 година. Остварил голем број студиски патувања: во 1954 г. во Италија (Венеција, Рим, Фиренца) и во Франција (Париз); во 1956 г. повторно во Италија (Венеција, Рим, Неапол) и во Франција (Париз).
Учествувал на голем број самостојни и групни изложби во нашата земја и во странство.
На оваа камерна виртуелна изложба по повод 8 Март, тематски се прикажани повеќе портрети и актови на овој наш плоден автор.
Како и неговиот живот, и делата може да се поделат според фазите кои го следат неговиот животен пат и неговите сликарски теми и преокупации. Во изложбава се вклучени дела кои го опфаќаат неговиот белградски период од студентските денови, потоа дела од парискиот специјализантски престој, кои визуелно ги покажуваат неговите теми на интерес, приватниот живот и уметничките импресии и влијанија.
Портретите може да ги групираме тематски: имаме портрети на негови современици, првично колеги студенти (пример: Роберта Бирбриџ); личности од граѓанската класа (граѓански портрети: Фани Политео, Станислава Магљевиќ, Ксенија, Соња Габој…); додека во неговото сликарство е забележано континуирано претставување на галичанки, кое го врзува за неговиот роден крај (пр.: Портрет на Стојана, неговата сестра, Портрет на галичанка), и секако, како непресушна инспирација, во културното наследство кое ни го остави овој великан е застапена неговата сопруга Зое Личеноска, која била негова „икона“, муза и модел за многу негови слики.
Портретот на Роберта Бирбриџ забележливо е поразличен по сензибилитет од другите негови портрети. Во него се препознава париското влијание, а сепак, реализмот на специфичноста на нејзините црти, детскиот облик на лицето, меко заоблено, со впечатливи очи и усни, е верно пренесен на платното. Делото е насликано во манир на посткубистичка форма, со фино нагласување на граничните тонски премини и со примена на светла гама, беж и окер боја.
Во Портретот на Фани Политео, пак, може да забележиме позагасит колорит и експресионистички сликарски ракопис, а препознатливо е и очигледното влијание од средновековните икони. Ова влијание се должи на неговиот интерес за тој дел од нашето византиско наследство, а и на фактот што во помладите години работел со зографи од кои стекнал извесни познавања, додека конкретно ги истражувал охридските цркви во летото 1925 година, кога бил повикан да изработи икони за иконостасот на новата црква во струшкото село Мали Влај.
Во претставата на неговата сестра Стојана и Портретот на галичанка, забележлива е рустичноста на изразот, додека жените се облечени во атрибутот на припадноста на мијачкиот крај, во традиционална галичка народна носија.
Личеноски е познат по својот колорит, стил кој го негувал од студентските денови и по кој бил препознатлив, заради што неговиот професор Миловановиќ, пред да оди на специјализација во Париз, му посочил да ја чува својата колористичка предност, да избегнува лоши манири и влијанија во Париз, и да гледа слики на Мане и Реноар.
Неговите дела се движат во стилот на академскиот реализам. Тој добро го владее цртежот (како што може да видиме во неговите актови и портрети работени во јаглен), а понатаму, во развојот на неговото сликарство најдобро се изразува преку бојата, поточно, колористичкиот експресионизам.
Неговата најомилена слика е токму „Акт“, што го работел во 1928 година во ателјето на Роберта Бирбриџ, која ја запознал на Академијата „Гранд Шомиер“ во текот на студиските денови во Париз. Таа слика била вклучена во изложбата на југословенските уметници во Париз, во Институтот за словенски студии истата година. Оваа слика, како што има самиот изјавено, го потсетува на неговиот прв успех во Париз, успех што го воведе меѓу уметниците актуелни во тоа време. Оттогаш тој остварил контакти со најдобрите југословенски уметници кои живееле во Париз, а во белградска „Политика“ првпат имало објавено напис за тој акт и за името на младиот академски сликар Лазар Личеноски.
Во изградба на својот сопствен стил, во изработката на самите актови, се препознаваат париските влијанија и поуките од неговиот ментор Марсел Леноар. Тој во нивните разговори секогаш го поттикнувал да ги следи работите на старите мајстори (Делакроа, Мане, Моне, Реноар, Сисле, Писаро, Сезан, Ван Гог, Гоген, Дега, а посебно Пикасо), со назнака да ги проучува и сликарите кои со бојата владеат суверено и кои го изградиле својот стил, како Матис, Вијар и Бонар. Исто така, Марсел Леноар бил тој што му забележал дека во актовите Личеноски се стреми кон Пикасо, кон пластичната форма и кон волуменот. Во овој период, освен што паралелно сликал и работел, Лазар Личеноски ги посетувал сите изложби, галерии и музеи во Париз, и за тоа време од својот живот ќе каже: „Фрескотехниката ќе ја учам кај Марсел Леноар, а сликарството кај Огист Реноар“.
Заедничко за актовите на Личеноски е што сите се во пикасовски манир и со монументална фигурација; неоспорно е неговото (краткотрајно) влијание, во дополнување на бојата која ја владее авторот уште од академските денови и што ќе остане негов заштитен знак.
Личеноски е несомнено оргинален, современ уметник кој заслужено го држи местото на врвот на македонската ликовна уметност, со уметнички, педагошки, човечки вредности кои го врежуваат трајно во нашата историја на уметност. Со оваа изложба на негови портрети и актови по повод Денот на жената, оддаваме достојна почит кон него и неговото дело.
Честит 8 Март на сите жени!