Македонска графика

Се чини дури неверојатно дека и денес во ликовната уметност, веќе солидно навлезена во 21-от век и со сите премрежија и турбуленции зад себе (но, веројатно, и уште многу пред себе), една уметничка дисциплина / техника може да опстојува речиси негибната од сите преиспитувања и трансформации што ги наметнаа современиот уметнички израз и развојот на новите технологии.

Иако одамна општоприфатено дека графиката, заедно со сликарството и скулптурата, го сочинува познатото цврсто „тројство“ на класични ликовни дисциплини, сепак се покажува дека таа „врска“ и не била толку силна. Поточно, ако се има предвид низ што се’ поминаа сликарството и скулптурата во дваесетиот век – веќе одамна сведени повеќе на претстава и идеја отколку на дело – тогаш графиката изгледа како безмалу последен залив на класичното поимање на ликовното дело! Можеби токму и заради тоа уште Арган пророчки ја прогласи графиката за неприкосновена, константна „уметничка техника sui generis“!

Но, се разбира, како и во случајот со „тројството“, ништо во уметноста не е баш така цврсто, неприкосновено и неменливо, па ни графиката. Таа, графиката, само изгледа така тврдоглаво имуна, особено кога ќе се спореди со шоковите што ги доживуваа другите уметности. Инаку, и во себе и околу себе, и таа минуваше низ редица трансформации и менувања, имаше свои вознеси, падови и кризи. А сепак, како да ни уметниците ни критиката/теоријата не се осмелуваа на радикални зафати во „графичкото ткиво“, задржувајќи и’ ја нечепната аурата на „благороден занает“. Дури и она што вообичаено и’ се припишуваше како недостаток од типот на „техничка репродуктивност“, всушност се покажа дека не е никаков суштествен грев зашто таа репродуктивност ја има(ше) и во фотографијата, филмот, видеото итн.!

Македонската графика, заради редица специфични и познати историско – општествени (не)прилики, нема долга традиција. Вистинските почетоци во графиката како модерна уметничка дисциплина/техника ги наоѓаме дури во почетокот на педесетите години на минатиот век. За нас тоа е значаен историски период на враќање на бројни македонски уметници – сликари, вајари, графичари – школувани на ликовни академии вон Македонија. Овој факт, од една страна, донекаде го објаснува разновидниот радиус на интереси на македонските уметници во графиката односно влијанијата што тие со себе ги носеле од средините каде што учеле. Но, од друга страна, почетоците на модерната македонска графика историски се поклопуваат со појавата на одделни (тогаш) радикални менувања (и) во графичкиот израз – на пример енформелот и постенформелниот период – така што македонските уметници можеа веќе на стартот да се соочат со сериозни творечки предизвици.

Едновремено, особено интересен е фактот што графиката станува неверојатно популарна меѓу македонските  уметници и со неа се бавеле безмалу сите (сликари, вајари, графичари…) без оглед на примарната творечка вокација. Се разбира, не кај сите и не секогаш резултатите биле на завидно / посакувано рамниште, но мора да се потенцира дека нивниот графички ангажман (особено бројните графички изложби во педесетите и шеесетите години) имаше извонредни едукативно-педагошки влијанија во средината. Во 1961 година се појавува првата графичка мапа во Македонија, во која што се застапени (тогаш) најрепрезентативните графички достигнувања на македонските уметници.

Почетоците на создавањето на графичката збирка во Националната галерија на Македонија датира од самото основање на институцијата (основана во 1948 година како Уметничка галерија “Скопје” и прва институција од овој вид кај нас), што значи дека временски коинцидира со самите почетоци на модерниот графички израз во Македонија. Веќе тој факт на оваа збирка и’ дава специфична нота на автентичен проследувач на развојот на графичкиот израз во Македонија. Но, едновремено, токму во овој контекст треба да се потенцира придонесот на оваа институција и во ширењето на графичките хоризонти кај уметниците и публиката преку презентацијата на бројни репрезентативни меѓународни графички изложби, на пример: Белгиска графика; Британска графика; Графики и цртежи од современи германски уметници (сите во 1955 година); Американски дрворез (1956); Хенри Мур (1965); Француска графика (1985); Турска графика (1986); Графики од „Тамаринд“ – САД, Финска графика (1987) итн. Набројувањето пак на графичките изложби (самостојни и групни) на македонски уметници, како и на графички уметници од бившите југословенски простори би одзело премногу место.

Оттука, графичката збирка на Националната галерија на Македонија всушност е објективно огледало на развојните патишта и тенденции во македонската графика. Низ неа паралелно може да се следи континуираниот развој и растеж на графичките техники во македонската графика, но и „зреењето“ на творечкиот исказ на многумина еминентни македонски графичари.

Инаку самата збирка е создавана главно по пат на откупи од тековни изложби, како и од донации и подароци од самите уметници. Во овој контекст, на графичката збирка на Националната галерија на Македонија може да се гледа и како на рефлексија на државната поддршка во насоката на збогатувањето на збирката, на критериумите на откупната политика на институцијата, но и на критериумите на уметниците кои подарувале свои дела.