Изложба на дела од палатата Фарнезина во Чифте амам

Share Button

Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам вчеравечер беше отворена изложбата „Кон почетоците на Европската унија – италијанска архитектура и уметност за палатата Фарнезина“.

farnezina vo chifte 7Изложбата на која се претставени дела од најпознатите сликари на италијанскиот модернизам и архитектонски скици од палатата Фарнезина, е дел од културната програма со која беше одбележано претседателството на Република Италија со ЕУ. Со неа завршува презентацијата на италијанската култура во Македонија која годинава беше поддржана и од Министерството за култура.

– Италијанската култура е двигател на многу развојни процеси во европската уметност и во таа смисла, настаните кои ни ја презентираат италијанската традиција се секогаш со задоволство и големо внимание проследени од нашата културна јавност, истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска пред отворањето на изложбата.

„Кон почетоците на Европската унија – италијанска архитектура и уметност за палатата Фарнезина“, како што рече, е приказ на клучните, историски моменти на италијанското општество и Европа во 20-тиот век. Воедно претставува дел од раскошната колекција на палатата Фарнезина која е во сопственост на Министерството за надворешни работи на Република Италија.

farnezina vo chifte 6

– Колекцијата на 22 дела од најпознатите сликари на италијанскиот модернизам и 16-те архитектонски скици ни ја раскажуваат историјата на ова уникатно здание изградено во далечната 1935 година кое има репутација на екслузивен културен простор во кој се сместени врвните дела на авторите кои се синоним за италијанската уметност денес, посочи Канческа-Милевска.

Оваа репрезентативна изложба, додаде, е одлична можност македонската јавност да се запознае со архивскиот материјал за внатрешниот дизајн на палатата кој е дело на архитектот Енрико Дел Дебио но, и со современите уметнички креации на Афро Басалдела, Џани Бертини, Карла Акарди, Пиетро Дорацио, Карло Баталја, Антонио Санфилипо, Антонио Скордиа, Алберто Бевилаква, Америго Тот, Арналдо Помодоро и многу други кои во текот на 50-тите и 60-тите години на минатиот век, кога се поставуваа темелите на ЕУ, одиграа значајна улога во развојот и во афирмацијата на новите ликовни стилови во европската и во светската историја на уметноста.

farnezina vo chifte 4

farnezina vo chifte 3

– Република Италија е наш долгогодишен пријател со кој негуваме традиционално одлични односи во областа на културата. По катастрофалниот земјотрес во Скопје, Италија донираше повеќе од 300 уметнички дела од современи италијански уметници кои денеска се дел од италијанската колекција на Музејот на современата уметност во Скопје. Радува податокот што дел од овие автори кои ни ја пренесуваат раскошната творечка експресија на италијанската уметност се застапени токму и во изложбата од Фарнезина, нагласи министерката.

Подвлекувајќи дека Македонија и Италија имаат интензивни релации во областа на културата, Канческа-Милевска изрази уверување за натамошно негување на успешната соработка и заедничко реализирање многу проекти како траен доказ за цврството пријателство помеѓу двете земји.

farnezina vo chifte 2

– Да продолжиме и во иднина заеднички да го освојуваме европскиот културен простор, да ја потврдуваме космополитската димензија на културата и уметноста и нејзината моќ да ги обединува земјите и народите, порача министерката Канческа-Милевска.

На изложбата поддржана од Министерството за култура во соработка со Амбасадата на Република Италија во Република Македонија, чиј куратор е проф. д-р Давиде Лакањина, присуствуваа претседателот на државата Ѓорге Иванов, италијанскиот амбасадор Ернесто Масимино Белели и директорката на Националната галерија на Македонија Маја Неделковска Брзанова.

farnezina vo chifte 1

Share Button