„Урбани документи: пејзаж – слика – предел“ во Мала станица

Годинава, повеќе од триесет европски земји ќе се приклучат на одбележувањето на „Европските денови на културното наследство“ во знакот на заедничката тема „Природата и културното наследство“.
Во рамките на оваа општа тема планирано е активностите во Република Македонија да се фокусираат на темата „Водата – дар од природата“.Настаните по повод манифестацијата ќе се одвиваат во периодот од 15 до 22 септември.
Националната галерија на Македонија ќе реализира настан во рамките на оваа европска иницијатива и ќе земе учество на манифестацијата со тематска изложба „Урбани документи: пејсаж-град-предел“, во просторот на Мала станица, отворање на 20-ти септември (среда), од 12часот. На отворањето ќе се обрати директорот на НГМ, д-р Дита Старова Ќерими.
Селектираниот избор на дела на тема урбан предел од богатата колекција на Националната галерија на Македонија е сочинет од слики на познати и афирмирани автори, меѓу кои Михајло Шојлев, Димитар Аврамовски Пандилов, Лазар Личеноски, Борко Лазески, Предраг Милосављевиќ Пеџа, Милан Коњовиќ, Мича Поповиќ и други. Голем дел од истите ќе бидат презентирани за прв пат пред јавноста на оваа изложба. Сите тие имаат посебен карактеристичен урбан лик, интересни за ликовната публика како од аспект на ликовни дела така и од аспект на историски и документарен карактер како сведоци на едно минато време. Некои дела се со веќе препознатливи мотиви, на пример некој детал од Скопје, но и дела инспирирани од Тетово, Кратово, Париз, Венеција, Загреб, Белград, Задар итн
Проектот е планиран според приоритетите кои стимулираат организација и презентација на истражувачки проекти и изложби кои прават пресек на одредени појави и тенденции и имаат историски, проблемски, тематски, стилски или тековни толкувања на модерната и на современата светска и македонска ликовна уметност, архитектура и дизајн. Ќе бидат презентирани околу 60тина ликовни дела, од македонската и меѓународната збирка.
И уште едно потсетување за веќе поставените изложби во објектот Чифте амам кои може да се посетат во рамките на “Европските денови на културното наследство“. Тоа се: „Од традицијата“, изложба на Решат Амети и изложба на уметнички фотографии на Мимоза Велиу.