Хотел за инсекти – Еколошки инклузивен проект по повод Меѓународниот ден на аутизам

Заокружување на проектот ќе биде на 29 ти април во 10 30 часот во Зоолошката градина на град Скопје каде ќе се постават и изработените творби од страна на учениците. Покрај поставување на хотелите за инсекти ќе биде презентиран прирачник за инсекти кој го изработија студентите од Машинскиот факултет отсек индустриски дизајн.
Промените во природата предизвикани од човекот не само што им отежнуваат на инсектите да најдат храна, туку и, и покрај нивната мала големина, инсектите како дивите пчели и бубачките сè почесто имаат проблем да најдат места за гнездење. Ако се земе во предвид дека околу 80 проценти од дивите растенија и повеќе од 150 важни култури зависат од опрашувањето на инсекти, овие засолништа се од исклучителна важност. Оттаму изградбата на хотели за инсекти во последниве години е се популарна.
Оваа година како и сите предходни Националната галерија на Македонија организира проекти кои се значајни не само за подигнување на јавната свест за лицата со аутизам туку и за подигање на колективната свест и одговорност за управување со природата воопшто.Работилниците се инклузивни во кои учество земаа учениците од повеќе училишта: ОУ Невена Георгиева Дуња, ОУ Св. Климент Охридски, ДСУ за рехабилитација и образование „ Свети Наум Охридски“ како и студентите од Машинскиот факултет отсек индустриски дизајн.
А инсектите како и луѓето си имаат свои услови и свои потреби како тие живеалишта треба да бидат направени. Па така материјалите кои ги користевме беа погодни за нив како што се: дрвени подлоги, плитки гајби, цевки од трска или бамбус, шишарки, струготини од дрво, глина…Внатрешноста на хотелите се заштити од ветар, дожд и снег како тие безбедно би можеле да се гнездат и да го одгледуваат своето потомство. Од предната страна ги покривме со жичана мрежа како би биле заштитени од предатори како што се птиците.
Направените хотели ќе бидат поставени во Зоолошката градина на град Скопје во пролет кога тие најмногу се движат и бараат место за хибернирање, одмор или размножување. Очекуваме дека првите станари ќе се вселат многу брзо и ќе бидат во својот хотел од соништата.
Маја Димитрова-едукатор