Ивана Пирковска со изложба во Македонскиот културен центар во Њујорк
Во организација на Националната галерија на Македонија, на 9 октомври 2015 година (петок) во 18 часот ќе се отвори изложба на Ивана Пирковска, со наслов Порака од твојот универзум во Македонскиот културен центар (или Gallery MC) во Њујорк, САД. Куратор на изложбата е кустос Маја Неделкоска Брзанова.
Авторот Ивана Пирковска е родена 1988 година во Скопје, Македонија. Во 2011 година дипломирала на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Факултетот за ликовни уметности, на Катедрата за скулптура и сценографија, во клaсата на проф. Ибрахим Беди. Како мултидисциплинарен автор кој се занимава со различни современи уметнички медиуми, таа го истражува и полето на астрофизиката и експерименталната музика кои сe трансцедентален извор на нејзината креација.
Од 2013-2015 г. реализирала две самостојни изложби во НУ Национална галерија на Македонија и во МКЦ, како и учества на бројни групни изложби, перформанси и работилници. Во 2015 е наградена за најдобро скулптурско дело на натпреварот „Young Art 2015“, од Агенцијата за млади и спорт на Р.М. На 9 октомври самостојно ќе се презентира во галеријата MЦ во Њујорк, со концептуалистичкиот проект „Порака – од твојот универзум“.
„ПОРАКА од твојот универзум“
Интерактивниот концептуалистички проектот „Порака – од твојот универзум“ на Ивана Пирковска претставува еден вид отворена астро-лабораторија во која, низ една крајно пуристичка поетика ги визуализира различните видови галаксии коишто ги идентификува со субјекти, а субјектите со галаксиите. Оттука авторката смета дека целиот космос е обединет во една целост, како во материјална така и во духовна смисла. Субјек¬тите меѓусебно се поврзани со невидливи енергетски сили, со пораки кои ги примаат од универзумот и кои треба да ги дешифрираат. Рефлексијата од инсталациите на Пирковска, проследена е со космички звуци којшто се само еден од примерите (извор и проток) на информации кој го повикува набљудувачот да се поврзе,да се огледа и да ја слушне пораката од универзумот, зошто универзумот како што ќе запише Никола Тесла „е жив во сите свои манифестации… зашто каменот, растенијата, животните и човекот се мислечки и чуствителни битија. Ѕвездата која сјае бара да ја гледаме, и да не бевме премногу окупирани со себе, би го разбрале нејзиниот јазик и пораки“.