Изложба на Ешреф Ќахили во Чифте амам

Share Button

Почитувани, Ве информираме дека на 5 ти декември 2023, со почеток во 19 часот, во импозантниот објект од исламската профана архитектура Чифте амам, при Националната Галерија, ќе се отвори самостојната изложба на ликовниот уметник и професор Ешреф Ќахили, од Приштина (Република Косово).

Ќе бидат изложени триесетина дела во техника масло на платно и комбинирана техника. Изложбата е насловена Музеј на детството.

Кустос на изложбата е Маја Крстевска, виш кустос.

 

Кон творештвото на Ешреф Ќахили
Ликовниот уметник и професор Ешреф Ќахили за првпат изложува во величествениот објект од профаната исламска архитектура Чифте амам при нашата Национална галерија.
Изложбата носи интересен наслов – „Музеј на детството“. Низ триесетина дела групирани во циклуси, авторот ги води посетителите низ секојдневните случки почнувајќи од најраното детство, преку младоста, па сѐ до зрелите години. Низ елементи на експлицитен израз на доживувањата, тој раскажува за средбите со светските метрополи на уметноста и за седенките со уметниците од регионот, на кои разменувале многу творечки мисли и доживувања.
Делата на Ќахили се многу блиски до палеолитските, магдаленските слики, кои преку линијата и цртежот ни ги доловуваат експресиите од ловот, ни ги претставуваат животните, садовите, оружјето што го користеле тогашните луѓе. Во нив Ќахили преку минатото ја отсликува сегашноста, а нѐ води кон иднината преку својот креативен поглед низ уметничкиот изблик. Во делата преовладува геометризмот, шематизмот, а фигуративната претстава се претопува во симболи и разни знакови од религиските концепции.
Во изложените дела се издвојува фигурата како експресивен модел, вметната на чиста заднина, главно бела, но понекогаш и колоритна. Фигурата и аморфното се среќаваат и на сина заднина, која постигнува ефект на уметнички баланс. Низ циклусот слики „Музеј на детството“ Ешреф Ќахили нѐ води низ фудбалските игралишта на играта во која доминира линијата како премер и перфектен привид на селективниот организиран собир.
Маја Крстевска,
виш кустос
 
Ешреф Ќахили е роден на 2 декември 1960 година во Раховица, Прешевската Долина, Србија. Средно училиште завршил во Пеја во 1978 година. Во 1983 година дипломирал на Академијата за уметности, огранок на сликарство во Приштина. Постдипломските студии ги продолжува во Приштина во 1997 година, во класата на професорот Реџеп Фери.
Првата самостојна изложба беше отворена во 1992 година во Приштина, Косово. Од 90-тите години имал над 20 лични изложби и учествувал на разни колективни изложби дома и во странство, како што се Англија, Индија, Ирска, САД, Франција, Италија, Кипар, Јапонија, Турција, Канада, Полска, Мексико, Романија и други. Неговата уметност е наградувана со различни награди во земјата и регионот. Над 250 уметнички дела се дел од приватни и јавни (институционални) колекции.
Share Button