Изложба на млади косовски уметници во Скопје

Share Button

Изложбата ќе биде отворена на 6 април во објектот Мала станица и ќе трае до 25 април…

 ap2016

Националната галерија на Македонија (НГМ) ќе биде домаќин на Националната галерија на Косово која ќе претстави концептуален проект насловен „АР 2016 / Young Art“ на пет млади косовски уметници кои биле финалисти на натпревар.

Учесници на изложбата се авторите: Луан Бајрактари, Јетула Сулејмани, Бујар Сулејмани, Агрон Блакчори и колективот „Have It“ кој на задутрешното отворање на изложбата ќе има перформанс.

Директорката на Националната галерија на Косово Арта Агани денеска на прес-конференција рече дека „АР 2016 / Young Art“ е нов проект кој им овозможува на младите уметници да ги изразат своите ставови преку уметноста.

– За да имаат изложба, уметниците во Косово треба да имаат искуства со други изложби што, според нас, е аномалија. Затоа одлучивме преку оваа изложба да им овозможиме на младите да имаат своја изложба, без разлика дали имале или немале искуство претходно. Натпреварот ги опфати сите заинтересирани уметници до 40 години. Со тоа ги стимулиравме младите уметници и им отворивме можности за меѓународни претставувања, рече Агани.

Посочи и дека важноста на овој проект е и во соработката меѓу Македонија и Косово бидејќи, како што рече, не сме само географски блиску, туку и од аспект на културата, и ова ќе овозможи меѓусебно запознавање.

Кустосот на проектот „АР 2016 / Young Art“ Мехмет Бехлули рече дека се работи за доста сложена изложба која е една од најзначајните кои се случиле во Косово.

– Како професор на Факултетот за ликовна уметност во Косово имам контакт со младите секојдневно. Ние ги стимулираме младите да создаваат современа уметност базирана на традицијата. Ќе имате можност да видите и форми и изрази кои не се традиционални, меѓутоа се слични со уметноста во светот, рече Бехлули.

Кустосот во НГМ Ана Франговска истакна дека уметничката сцена во Косово има млади автори со европски ликовен израз, едуцирани надвор од Балканот кои, како што рече, се вклучени во создавањето на косовската културна стратегија.

Директорката на НГМ Дита Старова-Ќерими истакна дека изложбата на најдобрите уметници во Косово во 2016 година е и прва размена меѓу националните галерии на двете земји.

НГМ на Македонија ќе го возврати гостувањето во ноември, со патувачката изложба „Есенција на егзистенција“ подготвена од кустосите на НГМ Горанчо Ѓорѓиевски, Маја Чанкуловска-Михајловска и Ана Франговска.

_______________________________________________


Вчеравечер, во мултимедијалниот центар Мала станица се отвори изложбата „Young Art Kosovo 2016“, во организација на Националната галерија на Косово, како зародишен проект на официјализирањето на соработката помеѓу нашите институции – Националните галерии на Косово и Македонија. Инаугурацијата на изложбата беше во уметнички дух, со перформансот „Испитување“ на групата HAVEIT, чиј настап во согласност со нивниот феминистички пристап, беше провокативен, директен, брутално реален и во согласност со нивниот дискурс насочен против патријархалниот балкански родов систем на вредности.


Потоа следеше кратко интро за сите учесници на изложбата, по што се обрати еден од кураторите на проектот Мехмет Белули, елаборирајќи го самиот проект и Ана Франговска, како претставник на Националната галерија на Македонија, која проговори за сродноста помеѓу косовската и македонската ликовна сцена денес и ги најави идните реципрочни проекти со Националната галерија на Косово.

 



Изложбата беше посетена од бројна публика, меѓу кои беа високи претставници на Министерството за култура на Р. Македонија, претставници на дипломатскиот кор, академици, директори на јавни институции, професионалци од областа на ликовната уметност и други љубители на визуелната сцена, а сите мошне заинтересирано и со особено внимание го проследија отворањето и ги разгледаа делата на учесниците на изложбата: Агрон Блакчори, Бујар Сулејмани, Колективот HAVEIT, Јетула Сулејмани и Луан Бајрактари.

 


Заложбите на директорките на двете институции: д-р Дита Старова Ќерими – директор на Националната галерија на Македонија и Арта Буњаку Агани – директор на Националната галерија на Косово, за материјализација на соработката вродија со првиот плод во форма на оваа изложба, а повратен македонски проект е договорен за месец ноември, станува збор за патувачката изложба „Есенција на егизстенција“ на кураторите од Националната галерија на Македонија Маја Чанкуловска Михајловска, Горанчо Ѓорѓиевски и Ана Франговска, која треба да биде презентирана на косовската публика во Националната галерија на Косово.

Share Button