Изложба “Жанр сцени од Колекцијата на Национална галерија“ во Мала станица

Тематската изложба “Жанр сцени од Колекцијата на Национална галерија“ е програмска изложба од Годишната програма на Националната галерија, и ќе биде отворена на 7 септември, во Мала станица, со почеток од 13часот.
На изложбата ке бидат изложени околу 80-ина дела во различни сликарски техники и скулптури кои се карактеризираат со буквална „секојдневност“ и „обичност“ на претставување на сцените, со задолжителна дискретна поента во постоечките елементи на драматика, сатира, дидактика, па се до вклучување на романтизам и сентименталност. Жанр-сцената го опфаќа човекот како фокус, во неговото опкружување. Се забележува претстава на пазари, ентериери, ликови во ентериер, улични настани.
Додека, во воопштената смисла на темата, тука спаѓаат селскиот и градскиот мотив, како и верските мотиви, со присуство на човекот и спонтани животни ситуации кои како краен ефект ја доловуваат уметничката визија на вистинската слика на животот, во која секој гледач може да почувствува поврзаност и близина.
Преку оваа тематска изложба, се добива ретка можност да се видат дела од депоата на Национална галерија, некои неизложувани, а некои по подолг период ќе бидат претставени на јавноста. Делата се од исклучителна важност, и воедно, ова е тема која не била застапувана повеќе години, така што е нагласен едукативниот момент кај младите генерации, да се запознаат со нашето културно богатство, и реномираните автори од нашите простори, од државата и поранешните бивши југословенски републики, во сопственост на Националната галерија. Селектиран е конкретен ликовен мотив- жанр-сцена, со презентирање на дела од фундусот на Националната галерија, која изобилува со вакви теми.
Авторите се повеќемина на број, од нашата ликовна сцена, како и од бившите југословенски простори.
Тука, може да се спомне само одреден дел автори застапени на оваа изложба: Димитар Аврамовски Пандилов, Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Љубомир Белогаски, Димче Протуѓер, Василие Поповиќ- Цицо, Томо Владимирски, Богољуб Ивковиќ, Александар Ивановски Карадаре и др.
Додека од странските автори застапени на оваа изложба ќе бидат Коста Хакман, Целестин Медовиќ, Вилим Свечњак, Крсто Хегедушиќ, Омер Мујаџиќ, Миќа Поповиќ, Надежда Петровиќ, Весна Соколиќ и др.