Конференција за современа музејска едукација
КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА СОВРЕМЕНА МУЗЕЈСКА ЕДУКАЦИЈА, Национална галерија, Даут пашин амам, Скопје, 30-31 мај 2023
Почитувани,
Со особено задоволство ја најавуваме и воедно Ве покануваме да учествувате на конференцијата за современа музејска едукација која ќе се одржи во Даут-пашиниот амам во Скопје на 30 и 31 мај 2023 година. Домаќин на конференцијата е Националната галерија на Северна Македонија и е организирана во партнерство со Fontys Fine and Performing Arts – Fontys University of Applied Sciences од Тилбург, Холандија.
Едукацијата е една од клучните карики во музејското работење, бидејќи таа создава медијација со публиката од различни генерациски, структурни и здравствени позадини, креирајќи сегашни и идни почитувачи на културата и уметноста, придонесувајќи кон рамномерен пристап на уметноста до сите и инклузивност. Таа се смета и за помагател на формалното образование успевајќи да едуцира, забавува, но и да превземе улога на терапија.
Целта на конференцијата е да ги собере националните и странските експерти за музејска едукација на дводневни обуки на персоналот peer-to-peer за современи теми во музејската едукација, како што се инклузивноста, образованието засновано на дијалог и ангажманот на публиката. Конференцијата, која се состои од предавања, работилници и панел-дискусии, ќе биде насочена и кон сегашните и идните професионалци во музејската едукација, вклучително и едукатори, куратори, музејски водичи, но и професори и студенти по уметност и историја на уметност.
Покрај домашни учесници од областа на музејското работење и едукација, на конференцијата ќе учествуваат и девет претставници од Универзитетот Фонтис, вклучително и пет универзитетски професори за дипломски и магистерски програми за уметност и уметничка едукација, и четворица надворешни експерти за музејско образование кои редовно одржуваат гостински предавања на Универзитетот Фонтис.
Конференцијата одбележува пет години соработка меѓу Fontys Fine and Performing Arts и Националната галерија и се одржува во рамките на 30 години дипломатски односи меѓу Холандија и Северна Македонија и 75-годишнината од Националната галерија.
Со уверување дека оваа конференција ќе го предизвика вашето внимание, заради споделување на искуства и стекнување на нови, меѓународни знаења и искуства на тема музејска едукација, срдечно Ве каниме да бидете дел од оваа конференција.
Ве молиме да го потврдите Вашето присуство на marketing.ngm@gmail.com.
Со почит,
Национална галерија на РС Македонија