ЖАРКО БАШЕСКИ: КОРПОРЕАЛНОСТ
Во петок, 2 октомври, во Музеј на современа уметност во Белград се отвори изложбата „ЖАРКО БАШЕСКИ: КОРПОРЕАЛНОСТ“.
Изложбата свечено беше отворена во присуство на уметникот Жарко Башески, кустоската Злата Вучетиќ (МСУБ) и Маја Крстевска (НГМ), како и директорката на Музејот на современа уметност во Белград, Маријана Колариќ, и директорката на Националната галерија на Република Северна Македонија, Нарона Лума Весели.
Скулптурите на Жарко Башески, преку кои телото се согледува како место на вкрстување на психолошкото, општественото и егзистенцијалното искуство на современиот човек, можете да ги посетите и да ги погледнете до 9 ноември 2026 година.

Самостојното претставување на проф. Жарко Башески токму во галерискиот простор во Музејот на современа уметност – Белград е навистина уметнички подвиг и го покажува интересот за неговиот хиперреалистичен пристап во оформувањето на делата, кои ни зборуваат за човекот и за светот во кој што живееме. Преку своите реални претстави на постоењето, уметникот Башески нè воведува во често предизвикувачки елементи од реалноста кои понекогаш и не можеме толку лесно да ги забележиме со обичен поглед кон прикажаното.
Во неговите високоценети скулптури се испреплетуваат повеќе концепти, со современ поглед на човековата состојба преку самонабљудување, со употреба на нови материјали и со филозофски пристап при моделирањето и изработката. Сите тие елементи нудат повеќеслојно читање на уметничкото дело.
Во неговите високоценети скулптури се испреплетуваат повеќе концепти, со современ поглед на човековата состојба преку самонабљудување, со употреба на нови материјали и со филозофски пристап при моделирањето и изработката. Сите тие елементи нудат повеќеслојно читање на уметничкото дело.
Поради фактот дека се работи за исклучителен автор кој, меѓу другото, ја претставуваше Р. С. Македонија на престижното Венециското биенале во 2011 година, кој е добитник на повеќе значајни меѓународни признанија, а многу од неговите дела се во приватни колекции кај нас и во странство, како институција од национален интерес, сметаме дека овој автор е најдостоен да се претстави токму во Музејот на современа уметност во Белград. Со тоа не само што ќе се прикаже неговото значајно дело пред белградската публика, туку и ќе се развие и ќе се зацврсти соработката меѓу нашите културни институции и меѓу нашите држави.
Маја Крстевска, виш кустос

ЅДИВ, ПРИТИСОК, ТЕЛО
Во избраните дела на Жарко Башески, телото не служи како медиум за непосредно изразување, туку станува место на кое се таложат психичкото и егзистенцијалното искуство. Неговите фигури не му припаѓаат на мигот на ненадејниот слом, ниту пак на призорот на отворената драма. Тие ѝ припаѓаат на состојбата со продолжено траење во која кризата повеќе не се препознава како настан, туку како начин на постоење. Нив не ги дефинира интензитетот на едно дејствие, туку наталожувањето на внатрешниот товар којшто се втиснува во ѕидот, во држењето, во вкоќанетоста или пак во погледот. Башески не го претставува телото како стабилна форма на идентитетот, туку како едно место во кое современото битисување остава последици уште пред тие да се претворат во говор, гест или пак во јасно изразена емоција. Скулптурите не го прикажуваат човекот во миг на голема надворешна катастрофа, туку во состојба во којашто сломот е веќе апсорбиран. Во тој контекст, „Афиксија“, „Опстојување“, „Вон од…“, „Соочување“, „Очaj“, „Самоспознание“ и „Автопортрет“ можат да се набљудуваат како сосема различни манифестации на едно исто егзистенцијално поле. Тие не го градат наративот за поединечна криза, туку мапираат една постојана состојба на психолошки, општествен и животен притисок којшто го обликува современото искуство на човекот.

Во овие дела, стравот не се препознава првенствено во изразот на лицето, туку во нарушениот ритам на дишењето. Очajот не добива облик на драматичен гест, туку ја носи тежината на опстанокот. А немоќта не е содржана само во слабоста на телото, туку во неговата неможноста да се ослободи од сопствениот внатрешен товар. Во нив се појавува човек којшто живее во состојба на продолжена изложеност. Но, таа не е прикажана однадвор како сцена на насилство или пак како отворен конфликт. Таа е веќе навлезена во телото. Таа станала ѕид, тежина, грч. Така, телото кај Башески станува материјален еквивалент на внатрешната состојба, во која неспокојството, гушењето, исцрпеноста, срамот, апатијата и обидот за самоспознание не се појавуваат како одделни теми, туку како различни облици на еден ист притисок.
Злата Вучетиќ

РЕАЛИЗАМ КАКО МЕТАФОРА – ХИПЕРРЕАЛИЗАМ КАКО ЕПИСТЕМОЛОШКА СТРАТЕГИЈА
Современата хиперреалистичка скулптура често погрешно се толкува како триумф на техничката прецизност над концептот. Таквата рецепција, меѓутоа, останува на нивото на перцептивниот ефект и го занемарува концептуалниот потенцијал на медиумот. Хиперреализмот одамна ги надмина рамките на својата првична определба како практика заснована врз техничка виртуозност и имитативна прецизност. Човечкото тело се конституира како сложен систем преку кој се преиспитуваат границите меѓу реалното и конструираното, присутното и симулираното. Начинот на неговото поимање, разбирање и презентирање, го префрла тежиштето од убавото кон психолошките состојби, кон причините и последиците од кризите и противречностите на современиот поредок. Во сложениот однос меѓу духот и телото, телото станува мапа на духот, на емоциите, на свеста за сопствената егзистенција која ги поврзува телесните, когнитивните и мисловните параметри. Во таа смисла, може да се говори за она што Ханс Белтинг би го нарекол „слика на телото“ како културно конструирано поле, наместо како природна даденост. Кај Башевски, таа конструкција претставува визуелна проверка, а не илустрација на теоријата, при што телото се појавува како место на судир на различни дискурси: биолошкиот, технолошкиот, социјалниот и интимниот. Од тој судир произлегува специфичен вид тишина на интензитетот. Скулптурата своето значење го пренесува во просторот кој Станува активен носител на метафората. Реализмот како метафора не означува компромис меѓу два поима, туку нивно внатрешно единство. Доколку го разбираме како настојување да се опфати структурата на стварноста, тој веќе содржи метафоричко поместување, бидејќи стварноста никогаш не е еднозначна. Таа секогаш е повеќе од она што се гледа. Во таа смисла, метафората не е украс на реализмот. Таа е негов услов.

Во опусот на Жарко Башески, хиперреализмот функционира како концептуална стратегија што преку илузијата на реалноста ја разнишува самата идеја за стабилна телесна, идентитетска и симболичка структура. Телата се конституираат како медиуми во кои се вкрстуваат митолошките матрици, медиумските симулакруми и психоаналитичките архетипови, како и желбите и ограничувањата, доброто и злото, нарцизмот и потребата за Другиот („Self Eating“, „Луцифер“, „Езекиел“). Човечкото тело станува препознатливо, но неговиот концептуален контекст ја засилува нелагодата што имплицира и наметнува поинакво читање — како простор на психолошка и егзистенцијална тензија. Неговите фигури, обликувани со прецизност што ја надминува границата на миметичкото, создаваат впечаток на присуство кое истовремено привлекува и вознемирува. Во таа амбивалентност лежи суштината на неговиот хиперреализам: телото станува медиум преку кој се отвораат прашања за идентитетот, ранливоста, фрагилноста, спомените, сеќавањата, интуицијата и перцепцијата.
Викторија Васева Димеска