Росица Лазеска изложува во Мала станица
Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, на 28 мај 2013 година (вторник), во 20 часот, ќе се отвори изложба на Росица Лазеска.
Цртежот како начин на ликовно изразување во кој линијата доминира како изразно средтво некако спонтано се наметнува како продолжение на претходните преокупации на Росица Лазеска – графиката. Експресивната, динамична ткаенина на линии во меѓусебна комуникација со графичките знаци форми и тонови создава хармонично обликувани астрактни композиции.
Линијата во нејзините дела е во исто време силна и лирична, моќна и нежна, динамична и смирена, апстрактна и наративна. Овој иреален ликовен свет на спонтани, брзи, непосредни линии е во директна корелација со графички третираните форми и тонски решенија од чија привидна меѓусебна спротивност се раѓа природна урамнотеженост и богатство што го карактеризира специфичниот ликовен израз на Росица Лазеска.
Кустос на изложбата е Маја Крстевска.
Со почит,
Национална галерија на Македонија