Беди Ибрахим со изложбата “Од приказните за амамот” во Чифте амам
Беди Ибрахим / Од приказните за амамот во Чифте амам
Отворање: 3 септември 2013, 20 часот (03-16.09.2013)
Чифте амам, еден од трите објекти на Националната галерија на Македонија, објект изграден во средината на 15 век, во својата првобитна намена бања, подоцна адаптиран во галериски простор, отсекогаш бил предизвик за излагање за современите уметници, а не ретко и инспирација за нивното творештво. Беди Ибрахим за својот проект за најновата изложба со наслов Од приказните за амамот е инспириран од овој прекрасен објект. Всушност ова е и негово завлегување во сопствената историја и традиција, потрага по своите корења. Изложбата е продолжување на неговите предходни проекти или нивно соединување по кои во периодот од неговото појавување на ликовната сцена направи препознатливост во визуелниот израз кој доби валоризација како во Македонија, така и пошироко.
Беди Ибрахим во своето творештво користи неконвенционални материјали во креирањето на делото и нивно комбинирање, создавајќи амбиентални инсталации со симболика во пораката. Така и за оваа изложба пребарувајќи во сопствените сеќавања за приказните за Чифте амам создава сопствена приказна која за идните генерации ќе биде едно ново кажување и приказна, но и будење на меморијата и откривање на нова и до сега неоткриена симболика за оние за кои овој објект е дел од историјата но и денешницата.
Со оваа изложба уметникот Беди Ибрахим оддава почит на градителите (се претпоставува дека Чифте амам е граден по нацртите на еден од најголемите градители од Османлискиот период, архитектот Мимар Синан или од неговата школа), но во исто време оддава почит кон својата традиција и историја.