Изложба на Илија Кавкалески со наслов “Акварели”

Share Button

Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица на 5 јуни 2014 година (четврток) во 19:30 часот ќе се отвори изложба на Илија Кавкалески со наслов Акварели.

plakat Kafkale

Илија Кавкалески – Кавкале целиот живот создава дела во кои се вткаени неговите емоционални чувства. Уметност искрена и чиста, ослободена од секаква филозофија. Станува збор за визуелизирана чувственост која се спротиставува на деструктивноста и дехуманизацијата на цивилизацијата на векот кој штотуку одмина. Опседнат од природната убавина овозможува да ја откриеме неговата мотивска приврзаност.

Во тие заносни чувства ги откриваме чувственоста, страста, занесот по природната убавина и атмосферската типичност на околината, како визуелни раздразнувачки впечатоци и спомени. Пејзажи окапени во сончеви бои, езерска свежина, средоземна врелина, типична синевина, езерско-морски бранувања. Сликарски хармонии создадени од меланжот на палетата на уметникот, глетки лично доживеани, копнеж, чувства, спектар на бои, глетка на духот во обидот да се доловат неповторливите мигови на постоењето. Авторот во овие негови ликовни записи внесол задоволство и импресија за претставата и мотивот, рожба на сопствените ликовно-лирски размисли. Неговата милозвучна енергија што извира од овие дела сигурно никого нема да повреди и да оптовари, туку напротив во допирот со највредното ликовно во нас ќе ги побуди искреноста и восхитеноста.

Легитимен сонувач, лиричар што со леснотија слика спонтано, со чиста душа, исполнет што создава убавина за другите. Делата на Илија Кавкалески се негова визуелна рецепција претворена во бои и форми кои промовирааат пораки за среќа, љубов, слобода и спокој. Сликарство едноставно искрено и чисто.

На изложбата свое обраќање ќе имаат г-ѓа Маја Неделкоска-Брзанова, директор на Националната галерија на Македонија и Љупчо Маленков виш кустос во Национална галерија на Македонија.

______________________________

Слики од отворањето на изложбата…

Share Button