Изложба на Мирчо Матевски Рисимкин „Средба со историјата: една слика – една приказна“

Share Button

Срдечно Ве покануваме на отворањето на изложбата Средба со историјата: една слика – една приказна на Мирчо Матевски Рисимкин во објектот Мала станица на 5.9.2023 во 20.00 часот.

Да се зборува за оваа изложба, како и за севкупното творештво на  Мирчо Матевски Рисимкин, значи да се нурне во историјата, во наследството, во духовното.

            Уште при првиот поглед на делата на Матевски Рисимкин се забележува неговата вљубеност во историјата. Уште од мал тој многу читал, растел со бајките и приказните. Сите негови дела се инспирирани од некој вистинит историски настан, јунак, личност, кои оставиле длабока трага во историјата. Трајко Матевски-Рисимкин, неговиот татко, бил главен инструктор за тепихарство во Македонија и работел во „Македонски фолклор“, така што своето детство Матевски Рисимкин го поминал покрај неговите шеми, нацрти и планови што ги подготвувал за изработка на теписи. Тајните на уметноста како да му биле предодредени во животот.

По завршувањето на Средното уметничко училиште, се запишува и дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на професорот Димитар Кондовски. Матевски Рисимкин во текот на својот живот во два наврата ја напушта својата земја и се сели во Австралија со своето семејство, а во 2021 година повторно се враќа.Тој останува доследен на своето сликарство, а сепак, во исто време и го збогатува со елементи што ќе ги прифати од другите култури со кои поминал еден дел од својот живот.

Биографија

 

Мирчо Матевски Рисимкин е роден во Скопје, во 1961 година. Го завршил Средното уметничко училиште „Лазар Личеновски“ во 1980 г. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во 1984 година, во класата на професорот Димитар Кондовски, а во 2012 година магистрирал на ФЛУ во класата на професорот Јован Шумковски. Член е на ДЛУМ (Друштво на ликовни уметници на Македонија) од 1984 година.

Од 1998 до 2009 година живее и работи во Камбера, Австралија. Во периодот 2005 – 2007 година работел во Воениот музеј на Австралија (Australian War Memorial). По враќањето во Македонија, од 2011 до 2014 година работи во Меѓународното училиште „Нова“ во Скопје. Во 2014 година ја реализира изложбата „Патинирани цитати“ во Скопје (МКЦ) и во Охрид. Во 2014 година повторно заминува за Камбера, Австралија, а во 2021 година конечно се враќа со семејството во Скопје, каде што живее и работи како слободен уметник.

Share Button