Изложба на Решат Амети по повод „25 години творештво“

Share Button

Resat Ameti pokana

Во ликовниот салон при Македонската академија на науките и уметностите во соработка со НУ – Национална галерија на Македонија на 7 Април (четврток) во 19:00 часот, финансиски поддржана од Министерство за култура на РМ ќе се отвори самостојната изложба на Решат Амети по повод “25 години од неговото ликовно творештво”.

Со оваа изложба продолжува соработката помеѓу Националната галерија на Македонија и Македонската академија на науките и уметностите преку презентирање на ликовните остварувања на истакнати автори кои имаат особено значење во развојот на македонската современа уметност.

Националната галерија на Македонија и овојпат најпрофесионално ја организира ликовната изложба на ликовниот уметник Решат Амети и тоа беше предизвик токму тука да се презентира неговото богато уметничко творештво.

Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје 1989г. во класата на Ана Темкова, а дипломската работа ја одбранил кај Ристо Калчевски кој ја има извршено првата уметничка филтрација на Амети т.е. му го иницирал интересот за геометрија, информелноста, фактурност и текстурата за магијата на белината.

Изложбата е пресек на 25 годишното творештво на авторот, опфаќајки ги сите периоди во неговото сликарство. Станува збор за повеќе слики во комбинирана техника и масло на платно. Нема сомнение дека Решат Амети е сликар на тајната која на своите платна тој, ја открива со моќта на целокупното свое битиe барајки од гледачот на неговите слики интуитивна моќ на внатрешната рефлексија и перцепција.

Решат Амети е добитник на повеќе награди и признанија како наградата за сликарство “Лазар Личеноски” од ДЛУМ- 2009г. и “11 Октомвриската награда “ за сликарство 2014г. Учесник е на многу ликовни колонии во државата и надвор. Изложбата ќе биде отворена до 21 Април 2016г. ќе ја отвори Ефтим Клетников, поет.

Одговорен кустос : Маја Крстевска

Share Button