Изложба на Златко Трајковски-Хинки во Мала станица
Изложбата на Златко Трајковски-Хинки ќе биде отворена на 8 октомври 2024 (вторник) со почеток во 20 часот, во објектот Мала станица.
Златко Трајковски-Хинки е еден од најзначајните уметници на македонската сцена, кој почна да работи во првата половина на 80-тите години од минатиот век. Тој период е пресвртница во размислувањата за уметноста и за тоа како таа во иднина би изгледала во Македонија, период кога се работи на посмодернизмот и новите медиуми. Тој е еден од предводниците во македонската современа уметност кој видеото, инсталацијата и перформансот ги користи како медиум во уметничкото дејствување.
Златко Трајковски е визуелен уметник кој твореше во контекст на постмодернистичкото дело. Неговите истражувања и конструкции ги поврзуваат сликарските, скулпторските, амбиенталните и технолошките влијанија. Со други зборови, тој работи со хибридизирани формиа на просторот, перцепцијата, комуникацијата и когнитивното мапирање на визуелните ефекти. Изложбата е пример за неговиот уметнички и естетски одговор на противречностите, антагонизмите и отуѓувањата својствени на глобалната идеологија. Златко луцидно го покажа потенцијалот за трансформација на модерното општество и важните односи меѓу поединците, како и односите меѓу поединците и колективите, поединците и институциите и меѓу самите институции. Хинки твореше во духот на сложени човечки, политички, религиски, комуникациски и, со тоа, когнитивни процеси, ефекти и ситуации испровоцирани од човечката состојба во кризни моменти. Изложбата ги посочува односите меѓу два важни модалитета на неговото дело: ликот на склопување на традиционалните и модерните материјали/медиумите и ликот на временската капсула. Предвидената поврзаност на дигиталното и конкретното материјално со формите на човечкиот живот отвора простор за преиспитување на нашата сопствена индивидуална и колективна модерност.
Оваа изложба е составена од повеќе тематски целини во различни медиуми – мултимедијално претставување, каде се застапени дела во конвенционални медиуми (цртеж, слика, колаж, графика…), видеоарт, музика и документирани перформанси, како и фотографии итн., чиј меѓусебен однос сочинува сложена инсталација и нивната поединечна анализа би била само општ опис на изложеното. Затоа оваа изложба треба да се гледа како претопување и присоединување на микронаративите што создаваат нова естетско-концептуална целина – макронаратив со заеднички именител. Така се создава нова уметничка ситуација во која се одразуваат одредени конкретни состојби врз основа на личните и интимните приказни, кои колку што се лични толку се и воопштени и развиваат нови односи, перспективи и погледи на светот.
Оттука почнува идејната нишка за оваа изложба на Златко Трајковски, која постхумно се реализира. Таа одредува сопствена игра на чепкање по неговите доживувања, настани и сеќавања, па извлекувајќи артефакти од собраната архива на вредни спомени од минатото, создава визуелна фрагментирана археологија на меморијата. Во таа игра на визуелна нарација и интерпретација на меморијата се обединуваат приказната со ликовноста, фантазијата со реалноста, стварното со нестварното, измислицата со вистината… градејќи нови сликовни и наративни претстави. Оваа изложба, всушност, претставува „ослободување“ на сидрото што го држи минатото и запловување кон иднината.