Изложба „Природа на универзумот“ на канадската авторка Жо Ан Ланвил

Во среда, 30. 03. 2016 година во 20 часот, во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам ќе биде отворена изложбата под наслов „Природа на универзумот“ на канадската авторка Жо Ан Ланвил.
Изложбата е организирана по предлог и во соработка со Канадската Амбасада од Белград, Република Србија. Изложбата ќе биде поставена 10 дена.
На изложбата ќе биде презентиран дел од творечкиот опус на канадската уметница Жо Ан Ланвил, која е мошне активен графичар. Таа е коосновач на Ателјето Прес Папие и Интернационалното Биенале за современа графика Троа – Ривириере. Имала повеќе од триесет самостојни изложби во Канада и во повеќе од десетина земји низ светот.
Исто така, добитник е на неколку награди во странство, а особено важна е Големата награда на Меѓународното биенале во Барат во Бопал, Индија, потоа наградата за најдобро графичко дело во Париз, и Почесната награда на Рексам – Меѓународното графичко биенале во Обединетото Кралство.
Изложбата „Природата на универзумот” е изложба на дела во која уметникот се обраќа на прашања за нарушувањето на еколошката рамнотежа, и им нуди на гледачите место за да се скријат и да не бидат сведоци на уништувањето на животната средина. Посетителите ќе имаат единствена можност да се запознаат со работата на оваа атипична уметничка преку три различни медиуми – графики, цртежи и објекти.
Соработката со Канадската амбасада преку овој проект продолжува и во иднина, а Националната галерија на Македонија и Министерството за култура, на овој начин ќе се вклучат активно во чествувањето на деновите на франкофонијата.