„Лавиринт на уметноста 2“ низ Постојаната поставка на Националната галерија во Даут пашин амам

Драги наши ученици, ликовни педагози, љубители на уметноста! Имаме големо задоволство да ве информираме дека во објектот Даут пашин амам на Националната галерија е во тек второто издание на музејската едукативна работилница „ЛАВИРИНТ НА УМЕТНОСТА 2“.
Наменета е за ученици од петтите и шестите одделенија од основните училишта.
Реализацијата на работилницата започна на 1ви Април 2023. Оваа музејска работилница има едукативен, истражувачки и награден концепт. Пред сите учесници е поставена загатка, а одговорот се крие низ уметничкиот лавиринт на Постојаната поставка на Националната галерија. Учениците, низ обиколка на нашата најзначајна збирка на уметнички дела, бараат одговори на поставените прашања. Целта е да на оригинален и интерактивен начин се запознаат со модерната македонска култура и ликовна уметност.
Учесници во работилницата се ученици од: ООУ „Кирил и Методиј“- Скопје; ООУ „Кирил Пејчиновиќ“-Скопје; ООУ „Гоце Делчев“-Скопје; ООУ „Вера Циривири Трена“-Скопје; ООУ „Коле Неделковски“-Скопје и многу други.
Играта ќе трае до 18 мај 2023 – Светскиот ден на музеите, кога по пат на извлекување ќе им бидат доделени стотина пригодни награди на учесниците кои ја решиле загатката и го пополниле прашалникот. Наградната игра и официјалното извлекување на добитници ќе се случи во Даут пашиниот амам во 12 часот.
Повелете во нашиот музеј!
Едукатор на проектот, Ацо Таневски