Ретроспективна изложба на Вељо Ташовски во Даут пашин амам
Во Националната галерија на Македонија, објект Даут пашин амам, на 4 декември 2014 година (четврток), во 20 часот, ќе се отвори ретроспективна изложба на Вељо Ташовски.
Ретроспективната изложба На Вељо Ташовски претставува пресек на целокупното творештво на авторот, опфаќајќи ги сите периоди во неговото творештво. Станува збор за повеќе слики во комбинирана техника. Ликовниот дискурс на Ташовски се реализира во просторот меѓу илузијата и симулацијата. При тоа авторот се откажува од илузијата во нејзината класична означеност, но од друга страна, тој ја користи симулацијата во најмекиот и најприродниот вид, отворајќи пат кон индивидуалната ликовност.
Идејата на авторот е преку ваквиот привид да ја нагласи основната специфичност на сликарството – двете димензии, односно апстрактната конотација на сликата создавајќи специфична “ликовна претстава на двата плана”. Користејќи ја иконографијата на мрежата тој ја дефинира “просторноста” на сликата. Таа, мрежата го ограничува просторот, но во ист момент овозможува и поглед низ, поглед и од оваа и од онаа страна, слободна циркулација, како метафора на бескрајната комуникација на просторите.
Композицијата што го следи принципот на апстрактното сликарство, флуидот на сликарската материја, отсуството на третата димензија…, свилата, бришењето на ефектот на прозорецот, атмосферата на тишина и спокојство – сите тие настојуваат да ги опросторат “сликаните” претстави на Ташовски до ниво на посакуваниот ефект на бескрајноста, до создавањето на слика-простор.
Оваа ретроспективна изложба претставува заокружување, и своевиден пресек на творештвото на овој рано починат автор, кој што има свое значајно место и улога во афирмацијата на македонската современа ликовна уметност.
Вељо Ташовски е роден 1949 г. во с. Осој (Дебарско). Во 1975 г. завршил Академија за ликовни уметности – сликарски одел во Љубљана, каде и магистрирал 1979 г. Од 1976 до 1985 г. бил член на Друштвото на ликовни уметници во Словенија, а од 1976 г. е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Работел како професор на Факултетот за ликовни уметости во Скопје.
Имал повеќе самостојни изложби во Македонија и Словенија, а земал учество и на голем број групни изложби во Словенија, Македонија, Италија, Полска, Хрватска, Грција, Романија, Србија, Чешка, Словачка, САД итн. Добитник е и на бројни награди во Македонија, Словенија, Хрватска и Србија.
Изложбата ќе ја отвори г-ѓа Маја Неделкоска Брзанова, директор на Националната галерија на Македонија.
________________________
Фотографии од отворањето на изложбата.