- This event has passed.
ПРОМОЦИЈА НА МОНОГРАФСКО ИЗДАНИЕ – Борко Лазески
февруари 15, 2018 @ 20:00 - 22:00
Борко Лазески (Прилеп, 22 октомври 1917 – Скопје, 16 јуни 1993) е еден од најпознатите македонски сликари, втемелувачи на модерниот израз во македонската современа уметност, и секако најпознатиот монументалист во Република Македонија.
Во 1937 година ја завршува Уметничката школа во Белград, од 1939-1941 студира на Ликовната академија во Белград во класата на проф. Мило Милуновиќ, а од 1941-1943 ги продолжува студиите на Државната Ликовна академија во Софија, кај проф. Никола Ганушев, каде што дипломира.
Во текот на својот живот Борко Лазевски е добитник на повеќе награди и признанија за изработка на фрески, мозаици, витражи, како и за долгогодишна плодна активност во областа на ликовната уметност. Во 1978 година Борко Лазески ја добива Октомвриската награда на СР Македонија за животно дело, а во 1988 година Орден на заслуги за народ со златна ѕвезда.
Изложбата посветена на 100 годишнината од раѓањето на Борко Лазески ќе се отвори во Националната галерија на Македонија, објект Даут-пашин амам на почеток на 2018 година по барање на семејството и по повод одбележување 70 години постоење на Националната галерија на Македонија, во чие формирање учествувал како прв в.д директор.
Проектот посветен на Борко Лазески, кој го реализира Националната галерија на Македонија, е финансиски поддржан од Министерството за култура на Република Македонија. Во проектот се вклучени повеќе институции од Република Македонија: Музеј на град Скопје, Музејот на современата уметност – Скопје, Музеј на Македонија, Македонска академија на науките и уметностите, Историски музеј Крушево, Завод и Музеј Прилеп, Музеј на Западна Македонија во НОВ – Кичево, Народна банка на Република Македонија, Собрание на Република Македонија, Министерство за одбрана (Касарна Велес), Служба за општи и заеднички работи на Влада на РМ, Македонски пошти Битола итн.
Сликите се дел од колекцијата на Националната галерија на Македонија.