Интервју со Перица Георгиев – Пепси: Секој треба да се изрази себеси, без разлика дали е сликар или не

Share Button

„Чувствувам сега дека во Македонија нешто добро ќе се случи, можеби ќе дојде нова креација од младите сликари, од младите уметници“, вели сликарот Перица Георгиев – Пепси, чија што неформална камерна ретроспективна изложба со наслов „И во огнот штом ќе запролети“ е отворена во објектот „Чифте амам“, при Националната галерија на Република Северна Македонија. На неа може да се видат седумдесеттина слики, меѓу нив и репродукции на мурали од групата „Зеро“ којашто завзема значаен дел во уметничко творештво на овој автор, компакт дискови со негова музика, како и негови книги.

Првата самостојна изложба на Перица Георгиев – Пепси е одржана во Скопје во 1980 година, во тогашниот Дом на млади „25 Мај“, а негови дела досега се презентирани на самостојни и групни изложби и во Сараево, Бреда, Штип, Келн, Нирнберг, Бостон, Софија, Велико Трново, Бангкок, Камбоџа…

 Перица Георгиев – Пепси на отварањето на изложбата „И во огнот штом ќе запролети“ во „Чифте амам“

Легенда: Дела на Перица Георгиев – Пепси во храмот Ангкор Ват

После колку време повторно изложувате во Скопје и на кој начин го доживеавте во оваа прилика родниот град од каде што заминавте за Бугарија кадешто и сега живеете?
– Околу дваесеттина години, а може и повеќе, не сум изложувал во Скопје. Бев само за отворањето на изложбата и почувствував една свежина, ентузијазам во градот, жед за нешто духовно, за слобода, како некој вид будење. Луѓето сега сакаат повеќе слобода, многу повеќе од порано, почувствував дека се активирала некаква жед за нивно изразување. Се израдував што на отворањето дојдоа и млади луѓе, имав навистина интересни средби. Се израдував и на една една млада жена, ќерка на моја колешка од студентските денови која додека студиравме беше бебе.

Претпоставувам ви беше драго што изложбата е во Старата скопска чаршија каде порано и живеевте. Во тој простор како млад уметник и се движевте, а тука и студиравте на Факултетот за ликовни уметности

– Во Чаршијата се чувствувам како дома, многу природно. Најубавиот дел од Скопје е токму таму, со „Галерија 7“, со галеријата „Чифте амам“, со Куршумли ан, со Сули ан… Во „Галерија 7“ порано правевме перформанси, сликавме со Беди Ибрахим. Тоа е многу интересен простор. Интересно е што во една таква стара архитектура од османлискиот период се јавува една авангардна уметност. Интересна е комбинацијата на архитектурата, целата атмосфера и авангардноста, модерниот израз.

На отворањето на изложбата свиревте на фрули, меѓу сликите има изложено и компакт дискови со ваша музика, книги со поезија и ваши размислувања за зен, за суфизам, како и репродукции на мурали на познатата, неформална уметничка група „Зеро“ од Скопје чиј член бевте во 80 – тите години на минатиот век. Како гледавте на потребата да се занимавате со андерграунд уметност во тој социјалистички период кога се освојуваше слободата на изразување, но и во годините што ви следеа?

– Тоа стана андерграунд зашто ние во тој период студиравме на Ликовната академија a Владимир Величковски ни предложи да направиме изложба во Музеј на Македонија, но ние како студенти не можевме да изложуваме и јас му предложив да излагаме како група, без имиња, неформално. И така почнавме, на групата ѝ го дадовме името „Зеро“, бидејќи кои бевме ние тогаш, никој и ништо, немавме право да изложуваме, андерграунд. По формирањето на „Зеро“ се појави потреба да сликаме на ѕидот на „Галерија 7“ , во основното училиште „Тефејуз“ и сликавме без пари. Некој од моите професори нѐ критикуваа дека им го уништуваме рејтингот, бизнисот на сликарите (се смее). Јас многу не им верував за бизнисот, а и плус некои сликари и без пари работат, бидејќи ние без пари сликавме. Рековме само купете ни четки и боја и ние ќе направиме дела, со ентузијазам.

Муралите на „Зеро“ сѐ уште стојат и на ѕидовите во скопското основно училиште „Тефејуз“ и во Младинскиот културен центар. Ги видовте ли можеби и кога бевте за отварањето на вашата изложба во „Чифте амам“?

– Тогаш немав време да ги видам, но тие се историски. Интересен е моментот што ние од „Зеро“ имавме заеднички дела, не беше важно дали некој ни дал пари или не, туку само да сликаме.Така и свиревме и правевме перформанси, имавме внатрешна потреба за изразување. Во тие осумдесетти години на минатиот век, всушност се случи оживувањето на Чаршијата. Кафулињата и чајџилниците работеа до три, до четири часот наутро, имаше луѓе во текот на целата ноќ, за разлика од претходно кога таа опустошуваше кога ќе се стемнеше. Тоа беше период на еден вид оживување на пошироко ниво. Го паметам како време кога луѓето беа многу попозитивни, доста поотворени кон другите, кога беше многу полесно.

А како пак ги толкувате денешните ваши начини на уметничко изразување со оглед и на фактот дека еден ликовен творечки циклус од 2021 година сте го нарекле „Сајбер арт“?

-Тој циклус „Сајбер арт“ е еден вид експеримент затоа што е сликан со компјутерска програма, а тоа ми е интересно бидејќи наоѓам некоја врска со компјутерот, тој е некој со кого што сликам! Јас ќе му кажам нешто и тој мене нешто и така правиме нешто заедно (се смее). Јас не сум против компјутерите и технологијата, мислам дека е ок, во одредена мера, зависи како гледаме на тоа. Нормално, ништо не може да ја замени природата и човекот, компјутерите се помошни средства, но луѓето го создале и компјутерот и другите технолошки работи и тоа не е толку страшно. Не сум непријател на технологијата и покрај тоа што не сум некој компјутерџија, но ок е, не ми пречи.

Ви пречи ли можеби брзото темпо на живеење во овој век со оглед дека сте свртени кон учењата и духовните практики од Истокот?

– Не може да ми пречи брзото темпо затоа што зависи од мене дали ќе се изнервирам или не, дали ќе брзам или не (се смее). Ние можеме да се нервираме, можеме да брзаме, да станеме несвесни, но ако човекот медитира, ако е центриран во внатрешната тишина, во внатрешното спокојство, во внатрешното чувство за љубов, за тишина, за мир, тогаш е во ред, не може тоа да му пречи.

Кураторот на изложбата „И во огнот штом ќе запролети“, Горанчо Ѓорѓиевски меѓудругото посочува и дека вашите дела се „духовен хоризонт во потрагата по светлината, по прапочетокот и обликувањето на совршеноста во совршеното…“ Како самиот ја толкувате таа ваша потрага?

– Може да се каже дека од дете сликам и скоро и да не сум престанал. Значи таа потрага е всушност потрага по скриената реалност. Оваа реалност која ја гледаме е една реалност, има реалност која е внатре во нас, има една виша реалност којашто многу малку луѓе ја откриваат. Во тоа трагање по таа внатрешна реалност се изразуваш така што нешто од внатре излегува надвор, покажуваш твои внатрешни состојби и така се отвора простор за во тебе да се создаде едно пространство, една бескрајна светлина. Доживуваш во себе си една бескрајна светлина, бескраен мир, бескрајна радост. Тогаш чувствуваш дека си едно со оваа вселена, со сѐ што постои. Се ослободуваш од стравот и од алчноста, гневот и од сите емоции кои нѐ мачат нас луѓето, од нашите внатрешни демони, така да ги наречеме. Стравот, гневот, омразата, сите негативни емоции треба да ги покажеме, да не ги криеме од себе и од другите. Да станеме свесни дека ги имаме во нас и да ги пуштиме да си одат. Да не се приврзуваме многу за нив, тоа не е вистината. Ние не сме гнев, ние не сме страв, не сме лоши луѓе. Тие се како гости, доаѓаат, ги доживуваме, ок, им даваме да пијат еден чај и до гледање. Сето тоа треба да биде изразено, да биде освестено, да се дојде до една светлина, до внатрешна тишина, внатрешна светлина во која човек може да биде спокоен. Да може да биде мирен, да медитира во таа тишина, во таа светлина и тука да го доживее своето единство и така да се реализира себеси. Да го најде мирот, тишината, љубовта, затоа што тие работи ние ги носиме во себе.

Во изминативе дваесет години сте изложувале во неколку земји, но најмногу во Бугарија. Како сте примени од тамошната публика, од бугарските уметници, во кој град најмногу сте изложувале?

– Во Бугарија сум изложувал во Пловдив, познат и како град на сликарите и во доста други градови, но со изложби најмногу сум бил присутен во Софија. Имам една идеја за голем проект кој сакам да се случи, луѓето да сликаат заедно на големи платна без разлика дали се сликари или ученици. Да сликаме заедно за да учиме да живееме заедно!Сметам дека тоа би било многу интересно. Верувам дека секој треба да се изрази себеси, без разлика дали е сликар или не. Сум правел и такви проекти во Бугарија со деца. Кај децата има една невиност, чистота во нивното изразување. Јас сум љубител на детските слики. Ние возрасните треба таа невиност, таа чистота да ја најдеме во себе. Во Бугарија има култура, има трагање како и во Македонија, како и насекаде. Луѓето се изразуваат. Чувствувам сега дека во Македонија нешто добро ќе се случи, можеби ќе дојде нова креација од младите сликари, од младите уметници.

На самостојна изложба сте се претставиле и во Бангкок во 2019 година. Какви импресии би можеле, доколку сакате, да споделите од тој настан во оваа прилика?

– Јас лично не отпатував до Бангкок, мои пријатели решија таму да направат изложби. Имав две изложби на интересни места кои ги виделе многу луѓе. Но има уште една изложба, перформанс која незнам дали воопшто ми е запишана, а која се одржа во древниот храм Ангкор Ват, во Камбоџа, во декември 2019 година. Беше организирана исто така од мои пријатели кои презентираа мои слики и ми донесоа од таму многу интересни фотографии. Тој храм ми е инспирација уште од основно училиште, од часовите по географија. Се воодушевив кога за прв пат го видов на фотографија којашто долго ја чував, а интересно е што после толку многу години мои слики беа изложени токму таму. Не е случајна можеби таа коинциденција со Ангкор Ват, таа врска. Тоа е простор што хармонизира, што нуди мир!

Катерина Богоева

Share Button