Изложба на Илија Кавкалески во КИЦ Софија

Share Button

 Изложба на Илија Кавкалески со наслов Акварели во Културно информативниот центар на Република Македонија во Софија, Бугарија …

Pokana_Kavkaleski

Во организација на Националната галерија на Македонија на 29 април 2014 година (вторник) во 18.30 часот во Културно информативниот центар на Република Македонија во Софија, Бугарија, ќе се отвори изложба на Илија Кавкалески со наслов Акварели.

Илија Кавкалески – Кавкале целиот живот создава дела во кои се вткаени неговите емоционални чувства. Уметност искрена и чиста, ослободена од секаква филозофија. Станува збор за визуелизирана чувственост која се спротиставува на деструктивноста и дехуманизацијата на цивилизацијата на векот кој штотуку одмина. Опседнат од природната убавина овозможува да ја откриеме неговата мотивска приврзаност. Во тие заносни чувства ги откриваме чувственоста, страста, занесот по природната убавина и атмосферската типичност на околината, како визуелни раздразнувачки впечатоци и спомени. Пејзажи окапени во сончеви бои, езерска свежина, средоземна врелина, типична синевина, езерско-морски бранувања. Сликарски хармонии создадени од меланжот на палетата на уметникот, глетки лично доживеани, копнеж, чувства, спектар на бои, глетка на духот во обидот да се доловат неповторливите мигови на постоењето. Авторот во овие негови ликовни записи внесол задоволство и импресија за претставата и мотивот, рожба на сопствените ликовно-лирски размисли. Неговата милозвучна енергија што извира од овие дела сигурно никого нема да повреди и да оптовари, туку напротив во допирот со највредното ликовно во нас ќе ги побуди искреноста и восхитеноста.

kavkaleski 1 minhauzen

Легитимен сонувач, лиричар што со леснотија слика спонтано, со чиста душа, исполнет што создава убавина за другите. Делата на Илија Кавкалески се негова визуелна рецепција претворена во бои и форми кои промовирааат пораки за среќа, љубов, слобода и спокој. Сликарство едноставно искрено и чисто.

Изложбата ќе биде отворена до 15 мај 2014 година.

kavkaleski 1

На изложбата свое обраќање ќе имаат г-ѓа Маја Неделкоска-Брзанова, директор на Националната галерија на Македонија, г-дин Васко Шутаров, директор на Културно информативниот центар на Република Македонија во Софија, Бугарија и г-дин Љупчо Маленков, виш кустос во Национална галерија на Македонија.

_________________________________________

Синоќа во КИЦ на Република Македонија во Софија беше отворена првата самостојна изложба од акварели на нашиот познат уметник Илија Кавкалески-Кавкале.
Во Софија, Кавкалески се претстави со 20 дела, кои предизвикаа внимание кај посетителите на нашиот Центар во Софија. За делото и уметничкиот пат на Илија Кавкалески зборуваа директорите на Македонскиот културен Центар и Националната галерија на Македонија, Васко Шутаров и Маја Неделкоска-Брзанова, како и Љупчо Маленков, виш кустос. Проектот е целосно подржан од нашето Министерство за култура.
Share Button