Маја Кировска и Ангел Миов изложуваат во Чифте амам
Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, на 26 декември 2013 година (четврток), во 20 часот, ќе се отвори изложба на Маја Кировска и Ангел Миов.
Експликацијата на најновиот проект на Ангел Миов, насловен иронично „Повлечи ги конците…“, нуди повеќе отворени толкувања на самиот наслов, но и на ликовниот материјал со променлив контекст и значења во современието. Тематскиот интерес кон преовладува во делата на Ангел Миов е испитувањето на процесите и се потпира на цртежот како осознавање и другите медиуми како прикажување/ раскажување на нештата. Заокружувањето на целиот овој процес е инкорпориран во ангажираниот момент кој во приказните на Ангел Миов се изразува преку ставот за константно и цинично преиспитување на денешната „автономност“ на делото, при што естетската поливалентност и мултиинтерпретабилноста се условени од слободата на формата и изразот, хипер-продукцијата на дела и настани, неодредени и сложени, кои нужно наметнато ги радикализираат експериментите со јазикот и формата и нивното двосмислено значење, како и нивната ефемерност.
Маја Кировска во нејзиниот проект „Организми“ прави компарација помеѓу материјалите од природно и артифициелно потекло, поточно помеѓу животинскиот и растителниот свет, кристалите и синтетичките материјали, односно нивната сличност на микроскопско ниво. Основното прашање кое оваа авторка го поставува е (не)постоењето на граница помеѓу организмите со „интелигенција“ и оние кои се дефинирани како не-живи материи, при што се претставени разни примери на циркуларниот систем кај растенијата, животните и луѓето, но и молекуларни споредби. Ангажираниот момент во овој проект се базира врз преиспитувањето на нашата свест во однос на декларативното користење и заштита на различните светови и конечно, нашата искрена релација со сите прашања што го засегаат човештвото.
Одговорен кустос на изложбата е Маја Чанкуловска-Михајловска.