Прес и потпишување на Договор за доделување на грант од страна на Амбасадата на САД во Македонија

Share Button
Во годината на одбележување јубилеј – 70 години постоење, со особено задоволство ја информираме јавноста дека Националната галерија на Македонија е институција, добитник на грант кој го доделува Амбасадата на Соединетите американски држави во Република Македонија од Федералната програма „Амбасадорски фонд на Соединетите американски држави за заштита на културата“ за 2018 година.

Проектот кој ја доби подршката носи наслов „Санација на оштетувањата од влага (ентериер и екстериер), заштита од продор на атмосферска вода, заштита од УВ зрачење и оградување на културното добро Чифте амам, Скопје“.

По овој повод Ве информираме дека на ден 31 октомври (среда), во Објектот Чифте амам, во 10:30 часот ќе се одржи прес конференција и воедно ќе се потпише Договор за доделување на грантот од страна на амбасадорот на Соединетите американски држави во Репбублика Македонија, Н.Е. господинот Џес Бејли и министерот за култура на Република Македонија, господинот Асаф Адеми. Официјално обраќање на овој настан ќе има директорката на Национална галерија на Македонија, д-р Дита Старова Ќерими. Ве каниме да присуствувате на овој исклучително значаен настан за нашата институција.

Доделувањето на грантот од Програмата „Амбасадорски фонд на Соединетите американски држави за заштита на културата“ за 2018 година (The U.S. Ambassadors Fund for Cultural Preservation 2018) претставува најголемо достигнување во менаџерската практика на Националната галерија на Македонија и обезбедување на небуџетски извор на средства. Да споменеме дека ова е втор грант доделен од страна на Амбасадата на Соединетите американски држави во Репбублика Македонија, првиот грант беше доделен во 2010 година за реконструкција и изведба на дренажен канал на Даут пашиниот амам.

Проектот „Санација на оштетувањата од влага (ентериер и екстериер), заштита од продор на атмосферска вода, заштита од УВ зрачење и оградување на културното добро Чифте амам, Скопје“ е изготвен во 2013 година, за истиот е издадено Конзерваторско одобрение за санација на оштетувањата од влага (ентериер и екстериер), заштита од продор на атмосферска вода, воведување на систем за вентилација на ентериерот, заштита од УВ- зрачење и оградување на културното добро, Чифте амам во Скопје под број УП бр. 08-499 од 12,08,2015 година од Министерството за култура, Управа за заштита на културното наследство.

Реализацијата на проектот е предвидена да се одвива во временски период од 18 месеци, веќе започна во јуни месец 2018 година а се планира да заврши на крајот од 2019 година.

Истиот ќе се одвива во повеќе фази со финансиска партиципација на Министерството за култура во рамките на инвестициски проекти од буџетот на Министерството за 2018 година, во износ од 2.000.000 денари и со помош на средства од доделениот грант во висина од 91.000 УСД.

Чифте амам, објект кој претставува културно наследство под заштита на државата, кој во невремето во јуни 2017 година беше доведен во исклучителна опасност, целосно ќе биде заштитен. Со подршка на Министерството за култура одобрени се средства за промена на постојното и веќе е инсталирано ново галериско осветлување со најнова технологија, економски оправдана, со мала потрошувачка на електрична енергија, технологија која е „пријателска“ за изложените артефакти без штетни влијанија. За оваа инвестиција беа одвоени средства во висина од 1.665.000 денари.

Share Button