Томо Шијак – Ретроспективна изложба

Share Button

Во Националната галерија на Македонија, објект Даут пашин амам, на 25 декември (петок) ќе биде отворена ретроспективната изложба во чест на Томо Шијак.

tomo shijak

Томо Шијак (1930-1998) е еден од неколкумината автори, уметнички родени во педесеттите години на дваесеттиот век, кои се издвоија како означувачи на авангардистичките текови на тогашната македонска ликовна уметност, а комплетното презентирање на неговиот опус е дополнително усложнето поради неговиот секогаш немирен, дури хиперактивен, истражувачки дух, поради што можеме да го карактеризираме како автор со најмногу варијации на стилски ставови кај нас.

Шијак до крајот на својот живот останува доследен на смелото експериментирачко дејствување и на препознатливите дела кои, со развојот на модернистички трансфигурираната концепција на неговите најиновативни и естетски најзначајни „мусандри“, во колективната македонска уметничка меморија ќе останат запаметени како икони на објект-артот што зрачат со аурата на нивната трансцендентална моќ.

Ретроспективната изложба и монографското издание за творештвото на Томо Шијак задолжително во себе ги инкорпорираат сите претходни истражувања посветени на овој автор и најзначајните концепти во доменот на објект-артот. Истражувачкиот проект, ретроспективната изложба и монографското издание се дел од програмските активности на Националната галерија на Македонија за 2015 година. Сите неопходни активности за овој проект се комплетно реализирани со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Македонија. Проектот во оваа фаза ги опфаќа делата што се наоѓаат на територијата на Република Македонија, односно оние дела за кои при истражувањето ни беше дозволен пристап и нивна евиденција, а отежнување на целиот процес претставуваше трајното ненамерно (и во голема мера несовесно) уништување на извесен број круцијални креации на Шијак, како и турбулентната промена на приватните сопственици на негови дела.

Изборот на делата и различните методолошки аспекти што ги третираат сите фази во целокупното творештво на Томо Шијак стилски и тематски, на одредени места, имаат улога да потсетат и да ги рехабилитираат одредените творечки фази на авторот. Се надеваме дека монографската студија и ретроспективната изложба, во кои се вметнати мноштво информации за делото на овој наш голем мајстор, ќе послужат како фактички документ што опоменува за потребата од посеопфатен одговорен колективен однос за негување и зачувување на легатите на значајните македонски автори.

___________________________________________________________________

Поставка

Share Button