Бурим Укиќи изложува во Чифте амам

Share Button

Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам на ден 10.12.2013 год. (вторник) во 19 часот ќе биде отворена изложбата на академскиот сликар Бурим Укиќи.

burim ukici plakat

Изложбата ќе содржи 40-тина дела масло на платно. Бурим Укиќи дипломирал на Факултет за ликовни уметности при Државниот Универзитет во Тетово, насока сликарство. Продолжил на постдипломски студии во 2008/2009 година каде што во 2010 година магистрирал.

Сликарството на Бурим Укиќи е магично, мистично, а истовремено реално, чисто, јасно, смирено. Како бакнежи на сонот и јавето, како средби на прозното и матерјалното.

Во платната тој внесува повеќе евокација отколку опсервација, повеќе чувство отколку реалност, повеќе носталгија и внатрешна потреба за стожерство и идентитет. Ликовната конструкција е делумно загубена под притисок на чистата сликарска поезија, препознатлив по својата колористичка експресија. Ликовното оформување продолжува во духот на експанзија на апстрактните содржини.

burim ukici 1

Со препознатливите бои црвената, зелената, жолтата, црната создава карактеристична хармоничност на колоритот со кој неговите слики говорат за временските секвенци, за просторот и за вредностите од постоењето кои ја облагородуваат психата на секој поединец. Примарниот акцент е ставен врз емоционалноста која ја создаваат густи колористички описи, пригушеност на експресионистичката интонација и имагинацијата на сликарските преливи.

Главната компонента во сликарството на Бурим Укиќи се состои во искрениот израз во богаството на колоритот, во смелоста на формалната концепција и со држењето чекот со времеските сликарски тенденции.

Изложбата ќе ја отвори г-а Халиде Палоши, директор на Националната галерија на Македонија.

Share Button