
- This event has passed.
Илија Аџиевски – Портретот во фокус
октомври 27, 2022 @ 20:00 - декември 31, 2022 @ 18:00
MKD100
„Портретот во фокус“ е изложба која го претставува богатото портретно творештво на познатиот македонски скулптор Илија Аџиевски.
Портретот отсекогаш бил многу специфичен жанр, во која било ликовна дисциплина или медиум. Тој не подразбирал само добра занаетска подготвеност и фотографско, т. е. реалистичко празно пренесување, туку значел умеење да се проникне во тајните и суштината на портретираната личност, да се одгатнат нејзините тајни, вистини, внатрешни убавини, креативност, дух, суровост, мекост итн.
Во тој контекст, и пристапот на Илија Аџиевски не бил да постигне академско-реалистична сличност, туку неговата намера била да ги пренесе најспецифбфичните особини на личноста која ја претставува, создавајќи своевиден коментар за нејзината продуховеност. Оттука и најмногубројни се портретите на негови пријатели, духовно блиски личности, сограѓани со кои се познавал и го делел задоволството и креативниот занес во создавањето на уметнички творби.
Меѓу нив имало и други ликовни уметници, поети, филозофи, писатели, естетичари, историчари на уметност или сродни по продуховеност пријатели.
Ако ја употребите максимата на Микеланџело, дека задачата на скулпторот е да ги „ослободи од заробеништво“ ликовите и телата на своите модели, тогаш Илија Аџиевски во своите портрети го постигнал токму тоа, ја ослободил продуховеноста и ја виртуелизирал невидливата природа на портретираните ликови, допирајќи во најдлабоките тајни на нивната интима, замрзнувајќи во скулптурално дело неодгатнати аспекти на нивниот карактер со своите вешти раце и со својата уметничка визија и сензибилност. Во тоа е маестралноста на Аџиевски, затоа неговите портрети се сегмент од неговото скулптурално творештво кое заслужува особено внимание и дигнитет.