Loading изложби

« Сите изложби

  • This event has passed.

Теофил Шулајковски Тофе – Ретроспективна изложба

ноември 15, 2022 @ 20:00 - декември 14, 2022 @ 18:00

MKD100
Share Button

Теофил Шулајковски – Тофе е роден во Дебар на 12.8.1934 година. Завршил Училиште за применета уметност, Педагошка Академија и Филозофски факултет во Скопје.

Во текот на својот живот оставрил голем број на студиски престојувања во: Франција, Грција, Германија, Италија (стипендија на Фондацијата Моша Пијаде). Бил член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија од 1966 година. Починал во Скопје на 21.11.2009 година. Неговите дела денес се наоѓаат во приватни и јавни збирки не само во неговата родна земја: Скопје, Битола, Прилеп, Куманово, Штип, Дебар, Струга, Охрид, Ресен, Струмица, Тетово, Гостивар, Кавадарци, Неготино, туку и во светот: Белград, Подгорица, Нови Сад, Сомбор и др. (СР Југославија); Загреб (Р. Хрватска); Љубљана (Р. Словенија); Сараево (Босна и Херцеговина); Франција, Швајцарија, Грција, Англија, Полска, Белгија, Бугарија, Чешка, Словачка, Германија, Австрија, Турција, Холандија, Италија, Шведска, Египет, Кина, Канада, Австралија, САД, Русија, Јужна Кореја и итн. Во 1975 год. заедно со академик Вангел Коџоман и Петар Дракуловски, го изработил мозаикот во новите простории на Југобанка – Скопје, како и зграфито техника на третиот кат на истата банка. Изработил слики во големи димензии со академските сликари Емил и Тони Шулајковски. Воедно добитник е и на голем број признанија и награди.

Акварелот е сликарска дисциплина која Теофил Шулајковски ја одбрал како негова животна определба, веројатно заради специфичностите на оваа техника – брза и сигурна рака и концепт кој не дозволува корекции, при што од творецот се бара неверојатно уметничко познавање. Всушност, тој без двоумење може да се вброи во рангот на најзначајните македонски акварелисти, кој истовремено и се издвојува од колегите уметници преку доследноста кон одредена ликовна дисциплина и преку сопствената современа поетска естетика. Теофил Шулајковски – Тофе е еден од ретките автори кои во текот на целиот свој творечки и животен век, всушност, и останал верен на една единствена, сопствена ликовна определба, акварелот. При тоа, несомнено  е неговото постојано прогресирање во личниот раст и развој како акварелист, надградувајќи се на самиот почеток врз основите и искуствата на нашите големи мајстори – втемелувачи на модерниот македонски акварел од дваесеттите години на минатиот век, но и по светските војни, кои се школувани во балканските центри: Димитар Пандилов Аврамовски, Љубомир Белогаски, Вангел Коџоман, Василие Поповиќ-Цицо, Зага Малинковска. Оттука и историчарите на уметност и ликовните критичари, врз основа на сопствените согледувања, следејќи го внимателно неговиот сликарски пат и обемна ликовна активност, творештво на Шулајковски го дефинираат како особено значајно во антологијата на современото македонско сликарство, конкретно акварелот. Творечката активност и значењето на Теофил Шулајковски – Тофе за македонската ликовна уметност уште веднаш биле забележани, препознаени и валоризирани од страна на критиката, во однос на неговиот видлив и специфичен интерес кон природата, а подоцна и креативното транспонирање на наталожените сознанија и културите на изминатите цивилизации. Во своето творештво постојано внесувал лични иновации, како предизвик и како цел која си ја поставил самиот пред себе и која самиот тој треба да ја надмине. Во таа смисла треба да се почитува и вреднува неговиот придонес во македонската уметност, преку следењето на една сопствена ликовна патека која помина низ повеќе препознатливи стилски насоки, при што го одбра оној сензибилитет преку кој најсоодветно можеше да го транскрибира сопствениот визуелен дискурс со доминантно лирско чувство,со спокојна и меланхолична атмосфера.

Share Button

Информации

Почеток:
ноември 15, 2022 @ 20:00
Крај:
декември 14, 2022 @ 18:00
Cost:
MKD100
Event Tags:
, ,

Локација

Chifte Hamam – National Gallery of Macedonia
Bitpazarska
Skopje, MK 1000 Macedonia
+ Google Map
Тел.
+389(0) 2 3227-986