Loading изложби

« Сите изложби

  • This event has passed.

Изложба „Нови правила“ на Заке Прелвукај

мај 18 @ 10:00 - мај 31 @ 18:00

MKD100
Share Button

Националната галерија ја најавува изложбата „Нови правила“ на косовската авторка Заке Прелвукај, која ќе биде отворена за посета од 18 мај, во објектот Чифте амам.

„Нови правила“ на Заке Прелвукај е изложба која се однесува на актуелното време во кое живееме, новиот свет во кој сме нурнати, несвесно, и на кој, сакале или не, му стануваме поклоници. Тоа е време на брз технолошки развој кој, потхранет со условите на пандемијата во која се наоѓа целиот свет повеќе од една година, од нас создаде верни следбеници кои почнаа да живеат според нови, нормално-ненормални правила. Овој клучен дискурс го обработува авторката Прелвукај, преку селекција на дваесетина дела во разновидни медиуми, надополнет и со многубројните суштински аспекти на денешното балканско општество (во нејзиниот случај косовското) видени низ призмата на едно критично око, а кои се однесуваат на мошне горливи социо-политички услови на егзистирање и создавање.

Важен белег за нејзиниот опус е феминистичката доминанта, со која Прелвукај мошне храбро менаџира, и тоа од почетокот на 2000-тите години, време на поствоена и духовна криза. Таа ги рушеше правилата дека уметноста е предоминантно машка професија во косовското општество и дека уметноста треба да се занимава со модернистички концепти какви што се естетика и форма. Наспроти тие закостенети правила, таа во своите концептуални дела, уште тогаш, почна гласно да говори за политички теми кои ја преокупираа тогашната транзициска косовска сцена, но индиректно третираше и пошироки регионални проблеми, како демократија, глобализам и Европска Унија. Не се плашеше од стегите на заедницата, не се срамеше од користењето на своето тело, па дури и соблечено, за да изрази особено важни аспекти за дискурсот на жената во нашиот зачаурен балкански катахрезис. И покрај сите опоненции на востановените парадигми, сепак, Заке со својата позитивна индивидуалност и комуникативност не предизвика скандали во јавноста, умееше да избалансира во комуникацијата со публиката и да ја освои нејзината наклоност. Всушност, Заке остави белег врз развојните насоки на косовската ликовна сцена и со своето творештво, но и со својата едукаторска работа како професор на Факултетот за ликовни уметности во Приштина, а голем број нејзини студенти израснаа во влијателни фигури на светската ликовна сцена.

Куратор на проектот е Ана Франговска, виш кустос во Галеријата. Изложбата ќе биде поставена во Чифте амам до 31.05.2021.

Заке Прелвукај дипломирала сликарство во 1991 година, на Факултетот за уметности во Приштина, во класата на проф. Нусрет Салихамиџиќ. Во 1993 година започнала да работи како предавач по предметот Монументално сликарство. Во 1997 година магистрирала сликарство, во класата на проф. Муслим Мулиќи. Во 2000 година ја води класата сликарство, како вонреден професор. Во 2010 година се стекнала со титулата редовен професор по сликарство. Одвреме-навреме предава на факултети и културни институции во различни земји. Вреди да се спомене предавањето во Диксмујд (Белгија), во Музејот на мирот – најголемиот музеј во Европа, каде што предавала пред европските пратеници и сенатори и многу други гости, на тема Политика и уметност.

Таа се занимава и со ликовна критика, нејзините написи биле објавувани во неколку локални весници. Со уметничката асоцијација „Нов Балкан“ реализирала проекти во земјата и странство, како: мурали, мозаици, јавна уметност, изложби, дебати итн. Веќе неколку години е дел од реализацијата на „Куќата на уметниците“. Многу нејзини дела се во сопственост на познати светски личности, а некои се дел од колекцијата на Националниот музеј на жени во уметноста во Вашингтон, единствена од ваков вид во светот. Нејзините дела се, исто така, и во колекцијата на галеријата NWG во Кембриџ и Националната галерија на Косово. Работи и живее во Приштина.

18-31.05.2021 Отворена за посетители
25.05.2021:
-14.00 часот Отворање со перформанс
-15.00 часот Разговор со уметницата

Share Button

Информации

Почеток:
мај 18 @ 10:00
Крај:
мај 31 @ 18:00
Cost:
MKD100
Website:
https://www.facebook.com/events/930147537552288

Локација

Chifte Hamam – National Gallery of Macedonia
Bitpazarska
Skopje,MK1000Macedonia
+ Google Map
Тел.
+389(0) 2 3227-986