Loading изложби

« Сите изложби

Spaces of oblivion – Александра Петрушевска Ристовска

мај 6 @ 17:00 - мај 31 @ 18:00

мкд100
Share Button

Spaces of oblivion
Александра Петрушевска Ристовска
Национална Галерија, Мултимедијален центар Мала станица,
6.05.2021-01.06.2021

Новата реалност нѐ соочува со децениски наталожуваните системски проблеми, нѐ исправа пред сознанието за кревкоста на општественото ткиво да се справи со новите предизвици, а тие бараат колективни решенија. Во услови кога се наоѓаме пред мрежа од раскрсници, се создава чувство дека основната егзистенција е загрозена. Иако во кризни ситуации, културата и уметноста се на последно место, од друга страна, таа двојна маргинализираност може да биде и шанса на специфичен начин да се погледне стварноста, да се понуди поразлична визија за тоа каде сме и кон што би требало да се стремиме.
Животот на една слика или циклус започнува уште во моментот на нејзиното магловито конципирање, се развива низ процесот на физичко оформување и во вистинска смисла продолжува да комуницира кога ќе биде споделена во каква било репродуцирана, посредувана форма/облик. Изложбата, пак, претставува само еден исконтролиран облик на претставување на целината како просторна инсталација погледната од авторска призма.
Сликарството, како една од уметничките дисциплини кои имаат долга историја, се занимава со репродуцирање на стварноста, но уште повеќе со интервенции во стварноста преку субјективни визуелни конструкции. Тоа е обид да се направи видлив светот, кој иако нѝ е пред очи, останува невидлив. Како класичен медиум, сликарството денес е во ситуација грчевито да се бори за својата релевантност меѓу новите медиуми, дигиталните технологии на креирање визуелни феномени: секој обид да се реактуелизира, сам по себе е и голем ризик. Но, од друга страна, тоа е и можност да се потврди дека сликата како краен резултат, како инкарниран комуникациски објект, и процесот на восприемање, се одвиваат на речиси непроменет начин.
Александра Петрушевска Ристовска уште од самиот почеток се наметна како сериозна авторка, и во континуитет го докажува со нејзиното присуство на уметничката сцена во текот на 15 години, со една специфична ненаметлива суптилна ангажираност. Тоа што беше евидентно и во нејзините претходни дела и циклуси , таа го потврдува и со нејзиниот последен сликарски проект.
Изложбата насловена „ Spaces of oblivion“ е резултат на подолготраен истражувачки процес започнат во 2017 година и претставува прво самостојно претставување на Петрушевска од 2013 година. Овој циклус се состои од шеесетина слики во различен формат, работени во техника акрил на платно, како и дигитални слики, работени врз фотографска предлошка. Заедничко за сликите од овој циклус е тоа што на нив се претставени ентериери, внатрешните простори на јавни институции, кои припаѓаат на модерната архитектура во Скопје, објекти изградени во 1970-тите години.
Во последната деценија евидентен е зголемениот интерес за специфичните архитектонски и споменични остварувања на југословенскиот социјалистички модернизам. Но, најчесто фокусот бил на надворешната форма и фасадите, а помалку на внатрешниот простор и неговата состојба денес. Поточно, каква е самата атмосфера во институциите, како ги паметиме и што нѝ открива тоа?
Александра Петрушевска Ристовска е сликарка која на многу сериозен и студиозен начин пристапува кон предметот на истражување и покажува висок степен на свесност за своето опкружување: го испитува просторот, до најситните елементи и архитектонски детали, со чувство за фрагментите, но и интерес за атмосферата. Тоа го потврдува и со истакнувањето на важноста на кадрирањето, за композицијата и специфичните колористички интервенции при конструирањето на просторот на сликата. Во овој циклус слики и светлината игра многу важна улога. Освен тоа што особено важно е осветлувањето кое е во самите слики, исто така исклучително важно е и амбиенталното светло на самата изложбена поставка, вклучувајќи го и внимателниот избор на бојата за галериските ѕидови.
Ракурсот ја фиксира перспективата на нормален човечки поглед, кој ни го олеснува пробивањето на површината на сликата, а празните простори во кои се наоѓаме, иако не се хиперреалистични, успешно рефлектираат атмосфера на изолација, осаменост, дури и онаму каде што студените бои не се доминантни. Бојата во одредени ситуации, особено каде што се среќава контрастниот однос на црвена со зелената боја, создаваат чувство на исчекување, како во секој момент нешто да ќе се случи – а сепак, со секој следен момент, ја посведочуваме продолжената тишина. Како да нѐ тера да се запрашаме што се променило, дали во нашето сеќавање има сцени кои се различни, исполнети со живот? И да помислиме како во сегашниот контекст ќе функционира целата поставка во галерискиот простор (некогаш) замислен за контемплација.
Владимир Јанчевски,
Скопје, 25 март – 20 април 2021

Александра Петрушевска Ристовска е ликовен уметник и педагог, живее и работи во Скопје. Самостојно изложува од 2005-та година. Во уметничката практика употребува традиционални и интердисциплинарни техники преку кои ја изразува визуелната и симболична трансформација на просторот. Ги истражува формите на внатрешните ентериери фокусирајќи се на деталите, контрастите и боите. Ристовска учествува на меѓународни и регионални проекти од областа на визуелните уметности и добитник на неколку меѓународни награди и резиденции во областа на културата и уметноста.

Техничка поддршка: Владо Димоски
Фотографија: Сашо Алушевски
Дизајн на постер: Сеид Таирковиќ

Share Button

Информации

Почеток:
мај 6 @ 17:00
Крај:
мај 31 @ 18:00
Cost:
мкд100
Event Tags:
, ,
Website:
https://www.facebook.com/events/299644141693627/

Локација

Мала Станица – Национална Галерија На Македонија
Ул. Јордан Мијалков 18
Skopje, MK 1000 Macedonia
+ Google Map
Тел.
+389(0) 2 3126-856
Website:
https://nationalgallery.mk