- This event has passed.
„Фауната во колекцијата на Националната галерија“ во Мала станица
декември 7, 2023 @ 19:30 - јануари 14, 2024 @ 18:00
MKD100Второто издание на циклусот „Од поинаков дискурс“ е продолжение на првичната идеја за вклучување на лица, интелектуалци чија дејност не е тесно врзана со ликовната уметност, критика и теорија, кои во соработка со ко-куратор од галеријата ќе работат на тематика која ја задаваат, а е инспирирана од богатата колекција на Националната галерија. Целта е од поинаков дискурс да се пристапи кон толкување, систематизација и истражување на нашето културно благо. За првото издание го поканивме д-р Владимир Мартиновски, професор, поет, писател, есеист, раскажувач, теоретичар, книжевен преведувач кој ја предложи темата „Мустаќлии“. Изложбата беше реализирана во ноември 2019.
Дискусиите и дебатирањето за или против менување на методите и експериментирање со нови пристапи на истражување и презентирање на ликовната уметност, осовременување на истите, излегување од сигурната институционална зона со нови, автентични теми, несекојдневни и храбри компарации, анализи од изменета визура, вонстандардни систематизации и класификации, воведување на мулти, па и транс медијалност и дисциплинарност во презентациите … се само дел од многуте аспекти кои се разгледувани и анализирани на многубројните стручни колегиуми на кустосите во Националната галерија. И покрај некои благи отклони кон новите искуства на времето, институционалната сигурност и востановените стандарди тешко се пробиваат.
„Од поинаков дискурс“ е проект кој го осмисливме со тенденција да ја иницираме желбата за промена и инвентивност и да се опробаме во неистражени домени, сижеа, медиуми, со цел да пристапиме кон поинакви, нови, видоизменети исчитувања, систематизации и класификации на културното богатство со кое располага Националната галерија. Воведувањето на надворешен „куратор“ кој не е од директна уметничка провиниенција, т.е. интелектуалец чии широки академски интереси индиректно ја вклучуваат визуелната уметност како писатели, философи, режисери, глумци итн. чиниме дека ќе понуди една поинаква пристапност, нестандардна тематика, специфичен паноптикум на гледање на методологиите во истражувањето или презентирањето на делата од нашата колекцијата. Поканетите куратори работат во тесна соработка со внатрешни куратори – кустоси во галеријата, и како резултат на нивната плодна работа ќе произлезат овие сесии на повеќегодишно осмислениот проект „Од поинаков дискурс“.
Целејќи дека ваквите перспективи на гледање на нештата „од поинаков дискурс“ ќе придонесат за нови сознанија и нови читања на историјата на уметноста, а истовреме ќе бидат интересни и за љубителите на уметноста, се радуваме на секоја нова можност за вадење на различни дела од нашите депоа, а со тоа и самите дела ќе ја продолжат својата главна намена – да комуницираат со нивните реципиенти и да соопштат одреден став.
Второто издание, „Фауната во колекцијата на Националната галерија“, е концепт кој го осмисли проф. Д-р Иван Џепароски и тој е фокусиран кон екокритичката и фаунокритичката имагинација во современата уметност.
Организација на изложбата: д-р Ана Франговска.