Loading изложби

« Сите изложби

Ретроспективна изложба на Димитар Кондовски во Даут пашин амам

мај 5 @ 18:00 - јули 31 @ 18:00

MKD100
Share Button

Националната галерија ја најавува Ретроспективната изложба на Димитар Кондовски.

По изминати 30 години од неговата последна средба со македонската културна јавност имаме особена чест и задоволство да го претставиме неговото творештво во објектот Даут пашин амам.

ДИМИТАР КОНДОВСКИ е еден од малкумината македонски ликовни уметници чие творештво остави неизбришлив, длабок и траен белег во времето. Неговиот исклучителен творечки опус е камен-темелник врз кој се гради и доградува современата македонска ликовна уметност.

Кондовски е роден во Прилеп, во 1927 година, а починал во Скопје, во 1993 година. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград, во 1952 година. Во 1958 година бил на студиски престој во Париз, а во текот на 1961/62 година специјализирал ѕидно сликарство во Рим. Од 1952 до 1956 година работел како професор по ликовно воспитување во Скопје. Од 1956 до 1960 година работел како илустратор.  Од 1960 до 1972 година бил слободен уметник. Од 1972 до 1980 година бил професор на Педагошката академија во Скопје. Во 1980 година бил избран за професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, каде работи до 1987 година. Во 1991 година бил избран за член на Македонската академија на науките и уметностите.

Самостојно излагал свои дела во: Скопје и Загреб (со Спасе Куновски), 1957, Рим, 1962, Зрењанин (со Богољуб Ивковиќ), Скопје, 1963 (со Хаџи Бошков), Нови Сад, 1970, Скопје, 1977 (25 години уметничка дејност), Тетово, 1978, Белград, 1978, Прибој, 1978, Њујорк, 1978, Сиетел, 1978, Торонто, 1979, Скопје, 1992 (пристапна изложба во МАНУ). Автор е на голем број тетарски и телевизијски сценографии (над двесте сценографски решенија за телевизиски емисии, за драми, за балетски и оперски претстави), а има опремено и неколку стотици публикации, со повеќе од две иљади илустрации.  Еден е од оснивачите на групите Денес и Мугри. Излагал на околу двесте групни изложби во земјата и во странство.

Добитник е на Наградата на Република Македонија 11 Октомври за 1964 година, за сликарство, Наградата 13 Ноември, на Град Скопје, во 1970, Наградата за сликарство Prix National, на Меѓународниот фестивал на уметноста во Кан сир Мер, во 1974 година, во Франција, Наградата Климент Охридски, во 1987 година, како и на многу други награди и признанија.

Својата творечка дејност Кондовски ја надоврзува на две значајни насоки по кои се движи и денес ликовната уметност. Едната детерминанта која го одредува неговото творештво е геометриската апстракција. Таа својот особен израз ќе го најде во геометриската конструкција на неговите дела, користењето сложени математички пресметки за да се постави основната композиција, геометриските модули и канони за одредувањето на пропорциите. Втората детерминанта што го одредува творештвото на Кондовски е сликарството на знакот и симболот. Во неговите дела знакот секогаш поседува високо симболична вредност. Тој уметноста ја разбира како херменевтика, како откривање на шифрата на светот, како пронаоѓање на тајниот клуч на универзумот.

Од почетокот на шеесетите години на 20. век интересот на Кондовски за портретното сликарство се разгранува во две главни насоки – салонски портрет, работен во слободен академски стил и портрет работен со конструктивистичка постапка која ја обединува фигурацијата и апстракцијата преку декоративниот орнамент, каде припаѓаат и сликите со религиска тема (претстави на светители) и автопортретот. Напоредно со овој главен тек во творечката дејност на Кондовски постојано се јавуваат и разграноци кои во неправилни изблици ја изразуваат неговата потреба да се враќа кон класичниот ликовен израз и ликовната традиција.

Ретроспективната изложба за творештвото на Димитар Кондовски (1927-1993) ќе ги опфати сите периоди од неговата творечка дејност.

Димитар Кондовски зад себе остави импозантен творечки опус со уште несогледани димензии. Од овие причини, целта на оваа изложба е систематизирање на дејноста на овој исклучителен автор и расветлување на оние доминантни аспекти кои ја одредуваат  неговата творечка дејност. Ваквиот методолошки приод овозможува увид во сложениот сплет од влијанија, идејно-естетски тенденции и авторски преокупации на уметникот.

 

Share Button

Информации

Почеток:
мај 5 @ 18:00
Крај:
јули 31 @ 18:00
Cost:
MKD100
Event Tags:
, ,
Website:
https://www.facebook.com/events/784861862484961/

Локација

Daut Pasha Hamam
Krushevska 1A
Skopje, 1000 Macedonia
+ Google Map