
- This event has passed.
Italiae „Од Алинари до мајсторите на современата фотографија“
март 28, 2022 @ 19:00 - април 30, 2022 @ 18:00
MKD100
Изложбата ќе се отвори на 28 март (понеделник) во објектот Чифте амам, во Старата скопска чаршија, од 19 часот.
Italiae „Од Алинари до мајсторите на современата фотографија“ е изложба која преку фотографија ги раскажува убавината и разновидноста на Италија, нејзините пејзажи, нејзината креативност и нејзиниот народ. Историја од век и половина преточена во антологија од кадри, со цел да се создаде идеална галерија на портрети и спомени, што ќе посведочат за богатството на земјата и во исто време за извонредната виталност на италијанската фотографија.
Избор на дела кој не претендира да ја сумира во целост комплексноста на италијанската фотографија, но сепак се поставува како предизвик и алатка за истражување на естетскиот израз и јазик на фотографите што твореле во период од над 160 години, вклучувајќи дела кои произлегуваат од ателје, пикторијализам, концептуализам, новинарство и уметничко истражување. Патување кое започнува од браќата Алинари и од обемниот свет кој се формирал околу нив преку збирките и архивите, односно „Многуверзумот на глетките“, како што ќе го нарече Марио Креши – тука застапен со едно ново концептуално дело – патување кое ќе не одведе до големите мајстори на фотографијата од дваесеттиот век и до најсовремените експериментирања. Исходот од ова патување може да се доживее и како кратко резиме на историјата на фотографските техники, почнувајќи од калотипот па сѐ до виртуелната фотографија во игрите.
Изложбата е поделена во три дела – Пејзажи, Дела и Ликови – од кои секој претставува идеален географски, историски и уметнички процес кој преку повеќеслојна разновидност на теми ги доловува промените на една земја во постојана еволуција.
Север и Југ, град и село, работа и празници, традиција и иновации, историја на општеството и културен живот. Дела во кои изненадувањето лежи во поставувањето на сцената и во оригиналниот избор на секој уметник.
Избор на фотографии кој е воедно и начин да се проследат трансформациите на Италија, со јазик кој умее да ја прикаже географската различност, да продре во длабочините на историјата и да навлезе во браздите на поднебјето.
Поставка што многуте „Италии“ ги преточува во една Италија, зборува за непостојаноста на културните граници, чијашто сложеност се должи на вековни споредби и контаминации; обмислениот избор на глетки овековечени од различни очи претставува една разновидна и разиграна приказна, чии што форми се одраз на разиграниот и витален дух на една Земја полна со минато и сеќавања.