Ретроспективна изложба на Спасе Куновски

Share Button

Изложбата на Спасе Куновски (1929 -1978) ќе се одржи на 9 декември 2016 година во Даут пашиниот амам со почеток од 19 часот.

Spase kunovski logor

…Tорзо од жена (црно торзо од кукла манекен), чиј површински текстил се расцепил и кај градите се „разголува“ фактура на дрво, а нозете од торзото, со подвезици. На едната нога сеуште стои прицврстена чорапа, а на другата – која исто така има дрвен инкарнат како градите – подвезицата е прицврстена со игла. Хипереалистично небо со облаци во средниот дел од сликата (минуваат низ торзото). Наместо глава декоративно извиени лимени ленти.

Муви кои во колона летаат пред облаците во изместена перспектива… Надреален штимунг, а сепак и некаква ведра, попистичка иконографија, која со својата директност опоменува за „современото несвесно разголување“ пред напредно-цивилизациските пролегоменони… само малку да доловам од понирањата во твоето дело „Залуден предизвик“, како штимунг за едно од делата…

spase kunovski 1

Македонската модерна уметност може да се гордее со името и делото на Спасе Куновски кое се повеќе, потврдено, го држи своето место под сводот на македонската култура и историја на уметноста. Тој е еден од ретките фигуративци со надреалистички интерес кој ќе го истражува овој стил целиот живот, без големи скокови и трчање по трендовите кои доаѓале преку тогашна Југославија од светот. Во овој стил тој успеал да ја најде својата база за изнедрување на сите потсвесни идеи, сеќавања, спомени, стравови, сфаќања за светот некогаш и сега, секако нудејќи и специфична опомена за светот утре.

Spase kunovski portret NGM

 

Неговите дела и во денешен контекст се современи и дискурзивни, што значи дека не се дела чиј моментум изминал, туку продолжуваат да остваруваат дијалог со реципиентот. Оттука сметам дека, како и секој творечки опус кој е жива материја подлежна на постојано нови преиспитувања и преџвакувања, и неговото дело ќе продолжи да побудува интерес и да биде тема на истражување на идните генерации, кои можеби на поинаков начин ќе ги толкуваат неговите дела и ќе ја „читаат“ пораката, барајќи асоцијативност во осаменоста предизвикана од технолошкиот напредок и дехуманизацијата на човештвото…

spse kunovski strashilo ngm

“Ars longa, vita brevis, occasio praeceps, experimentum periculosum, iudicium difficile“.

Share Button