- This event has passed.
Изложба на Симон Шемов „Мултиверзум“
септември 27, 2023 @ 20:00 - декември 10, 2023 @ 18:00
MKD100„Сето време е сега“, вели поетот и есеист Алек Дервен Хоуп, свесен за сложеноста што се јавува во поетската имагинација, која се храни со идеи за минатото и иднината од гледна точка на недостижното сега. Парадокс е вечноста.
Вечноста не е физичко место, туку ментална состојба во која се размислува за секоја секунда од историјата како да се случува токму сега. Ова важи без разлика дали некој размислува за античка филозофија токму во овој момент или замислува идна можност заснована врз интуиција во истиот момент, или дали едноставно гледа во ѕвезда чија светлина настанала во минатото, а заради временско-просторниот дискурс и патување таа е видлива за нас сега, што ги релативизира прашањата за безграничноста на просторот во универзумот, за времето, светлината…
Оваа размисла е најава на новата визуелна сензација која ни ја нуди Симон Шемов, т.е. неговата десетлетна богата уметничка продукција која, покрај „новиот“ емпиризам, го носи и бремето на минатогодишното искуство подолго од половина век, со онтологијата и антолошкото значење на едно богато уметничко кредо. Најновиот творечки циклус на маестро Шемов, насловен „Мултиверзум“ се занимава главно со аспекти на космологијата и космогонијата, т. е. со проблемите на појавата и егзистирањето на космосот и универзумот, а секако, преку оваа општа феноменолошка семантика, и со посебната хуманистичка егзистенцијална природа на човекот, трагање кон посебното од општото или обратно, преку субјективното и сингуларното кон безграничното.
Во најновиот опус од речиси 400 дела, се издвојуваат „четири феноменолошки аспекти кои се аналогни на неговите повторливи интереси низ хронологиската матрица и се провлекуваат како дискурсни нишки низ неговиот целокупен уметнички опус (од почетоците, во средината на 60-тите на минатиот век до денес). Станува збор за природната индоктринација со пантеизмот, сосема логично на него се надоврзува преокупираноста со прашањата за постанокот и егзистенцијата на универзумот, та оттука космологијата/космогонијата како клучни одредници ad acta, потоа аспектите на поврзаноста на уметноста и природата на игрите (т. е. вечната потреба за истражување, експериментирање и анимирање и на себе и на публиката – со одреден партиципативен директен или индиректен инпут) и семиотиката, т. е. неговата преокупација со истражување и трансформирање на симболи и архетипови“. (Ана Франговска)
„Предизвикот од детството на неговото сликарство, сè уште ја надразнува неговата истражувачка мисија, која почнува од една точка со туш, а до денес љубопитно ѕирка зад оградата, зад неговите Паравани, со трајна надеж дека еден ден истражувачкиот процес ќе го доведе до одговорот за вистината на постоењето на нас самите, на сите во неограничената космогонија. Истрагата продолжува, не е на повидок THE END. Шемов е вљубен во живиот свет. Тука е сосредоточена неговата неизмерлива тврдоглавост да го растајни опстанокот во целиот универзум, каков, колкав и каде и да е“. (Соња Абаџиева)
Изложбата ќе се отвори на 27 септември, во 20 часот, објект Даут-пашин амам, и ќе трае до 27 ноември.
Куратор на проектот е Ана Франговска.