Loading изложби

« Сите изложби

„ОД КАНОН ДО ИНДИВИДУАЛЕН ИЗРАЗ: Зографството и профаното сликарство во Македонија (19 – 20 век)“

јули 28 @ 20:00 - август 30 @ 17:00

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Изложбата го следи развојот на македонското сликарство во периодот на длабоки општествени, културни и естетски промени. Преку внимателно селектирани дела од богатата колекција на Националната галерија, посетителите ќе имаат можност да проследат трансформација од традиционалното црковно сликарство кон профаното, граѓанско сликарство – процес што претставува една од клучните пресвртници во историјата на македонската ликовна уметност. На изложбата ќе бидат презентирани досега неизложени, како и ретко изложувани икони и слики, создадени во периодот од средината на XIX до средината на XX век. Поставката вклучува дела од истакнати автори како Дичо Зограф, Никола Михаилов, Димитар Андонов Папрадишки, Ѓорѓи Зографски, Коста Шкодреану и Михајло Шојлев, но и непознати зографи, чие творештво ја отсликува постепената промена на уметничките принципи, тематиката и визуелниот јазик во македонската средина.

Во текот на XIX век, зографите, иако верни на канонските правила на православното иконописно сликарство, сè почесто внесуваат елементи на индивидуален израз, поголема пластичност на формите, реалистичен пристап кон човечката фигура и интерес за просторот и природата. Под влијание на европските академски текови, овие промени постепено го отвораат патот кон појавата на профаното сликарство, во кое религиозните теми се заменуваат со портрети, историски композиции, пејзажи и сцени од секојдневниот живот. Изложбата има за цел да покаже дека токму овие автори претставуваат важна врска меѓу вековната иконописна традиција и современите уметнички текови што ќе се развијат во првата половина на 20 век. Без нивниот придонес, нивната уметничка љубопитност и постепеното прифаќање на новите европски влијанија, развојот на модерната македонска уметност би бил незамислив.

 

Ѓорѓи Андонов, Пасторала, 1915 

Особено значење има фактот што овие творци работеле во исклучително сложени историски околности – во време на политички превирања, национални и културни пропаганди, воени конфликти и општествени промени. И покрај сите предизвици, тие успеале да создадат дела со високи уметнички вредности и да постават цврсти темели врз кои подоцна ќе се развива современата македонска ликовна сцена.

Димитар Папрадишки, Пејсаж, 1897

Преку оваа презентација, пошироката јавност ќе има можност да се запознае со едно исклучително значајно културно наследство и со делата што сведочат за создавањето на македонскиот ликовен идентитет, како потсетник на континуитетот на уметничкото творештво во Македонија и на неговата способност да ги следи европските културни текови, притоа зачувувајќи ја сопствената автентичност.
Автор на изложбата е м-р Владимир Таневски, кустос, а соработници на проектот се Маја Чанкуловска Михајловска, виш кустос, и Маја Неделкоска Брзанова, кустос советник. Изложбата ќе биде отворена за посетителите до крајот на август.

 

Информации

Почеток:
јули 28 @ 20:00
Крај:
август 30 @ 17:00

Локација

Chifte Hamam – National Gallery of Macedonia
Bitpazarska
Skopje, MK 1000 Macedonia
+ Google Map
Тел.
+389(0) 2 3227-986