Александар Кондев – Ретроспектива

Александар Кондев (1950) е еден од оние македонски фотоуметници, чиешто фотографско творештво е нераскинливо сврзано со пробивите на фотографската мисла кај нас и, слободно може да се каже, највисоките дострели на македонската фотографија од втората половина на минатиот век до денес.
Неговото безмалу педесетгодишно присуство во сите перипетии на македонската фотографија е важно сведоштво и за вкупниот развој на фотографијата кај нас.
По силата на нештата, но и заради јасно изразената љубов кон фотографијата, релативно рано (1969 година, иако претходно, 1966 – 1969 година, меѓу првите кај нас, се бави со анимација и филм) се определува за неа како основна професија. И тоа трае до денес!