Изложба од Конкурсот на Министерството за култура за откуп на ликовни дела
Министерството за култура на Република Македонија, Музејот на современата уметност – Скопје и Националната галерија на Македонија ќе ја промовираат изложбата на дела од Конкурсот на Министерството за култура за откуп на ликовни дела од областа на визуелните уметности за 2014 година, на 30 март 2015 година (понеделник), во 12 часот, во НУ Национална галерија на Македонија, објект Чифте амам.
Од пристигнатите 228 пријави или вкупно 605 дела, петчлената стручна комисија, направи селекција на 64 уметнички дела, од различни визуелни медиуми: слики, скулптури, објекти, инсталации и видео инсталации од повеќе еминентни автори, како од постарата, средната, како и од помладата генерација уметници со цел поттикнување и стимулирање на нивниот иден творечки развој. Најголемиот дел од откупените дела се наменети за збогатување на збирките и поставките на Музејот на современата уметност и Националната галерија на Македонија.
Меѓу откупените дела кои се делигирани во збирката на Музејот на современата уметност се наоѓаат авторите: Жанета Вангели, Благоја Маневски, Славица Јанешлиева, Беди Ибрахим и др. За збирката на Националната галерија откупени се делата на: Ристо Калчевски, Симон Шемов, Рубенс Корубин, Веле Ташовски, Томе Аџиевски и др.
Изложбата ќе биде отворена за увид на македонската јавност до 07.04.2015 година.
_____________________________________________________
На Конкурсот пристигнале 605 дела од различни визуелни медиуми (слики, скулптури, објекти, инсталации и видеоинсталации) од сите генерации македонски уметници, а петчлената стручна комисија избрала за откуп 64 дела …
Од денеска до 7 април во галеријата Чифте амам е отворена изложба на дела прифатени на првиот Конкурс на Министерството за култура за откуп на ликовни дела од областа на визуелните уметности за 2014 година. На Конкурсот пристигнале 605 дела од различни визуелни медиуми (слики, скулптури, објекти, инсталации и видеоинсталации) од сите генерации македонски уметници, а петчлената стручна комисија избрала за откуп 64 дела. По изложбата во Чифте амам, 21 дело ќе бидат дел од збирката на Музејот на современата уметност, 15 ќе ги добие Националната галерија на Македонија, а некои од делата ќе бидат подарени во државни институции.
Отворајќи ја изложбата во Чифте амам, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека со избраните 64 дела ќе се дополнат фондовите на институциите од ликовната уметност со дела на повеќе еминентни автори кои, како што рече, со своето творештво оставиле траен белег во македонската ликовна уметност.
– Автори кои дадоа исклучителен, индивидуален придонес во развојот на ликовната уметност во Република Македонија, уметници кои учествувале на значајни манифестации во земјава и во странство, како и дела од помладата генерација уметници со истакнат ликовен израз за кои ова ќе биде значаен поттик во натамошното дефинирање на нивниот творечки идентитет – истакна Канческа-Милевска.
Таа е уверена дека оваа стимулативна мерка ќе има долгорочни придобивки за македонската ликовна уметност. Пред еден месец завршил и вториот Конкурс за откуп на ликовни дела од областа на визуелните уметности за 2015 година, а избраните повторно ќе бидат презентирани на изложба.
Овој проект, кој е дел од Националната стратегија за развој на културата за периодот 2013-2017, го поздравија првите луѓе на МСУ и НГМ, Елиза Шулевска и Маја Неделковска-Брзанова, и уметникот Данчо Ордев во името на Друштвото на ликовните уметници на Македонија.
– Ова е пресек на ликовното творештво во Македонија – имаме од сите возрасти, од сите правци, од сите сензибилитети. Од изложбата се гледа дека комисијата имала критериум зашто не видов творба со сомнителен карактер. Во името на уметниците, целосно ја поддржувам оваа акција, затоа што имаме вакуум од околу 20 години – во 1990-тите беа последните откупи. Во интерес е на самите автори, а особено во интерес на институциите на кои ќе им бидат дадени овие дела и тие ќе бидат национално творештво. Сите овие автори и дела ќе останат документ на времето – рече Ордев.
Директорките на МСУ и НГМ нагласија дека со конкурсите перманентно, а не инцидентно како досега, ќе бидат збогатувани нивните колекции, дека се поттикнуваат уметниците да творат, се валоризира нивниот труд и нивните дела стануват подостапни и видливи за публиката.